
Топката допрена од „божјата рака“ ќе се продава за три милиони фунти
Топката со која Марадона постигна два гола во четвртфиналето на СП 1986, а Аргентина ја совлада Англија, наскоро ќе излезе на аукција, а ја продава судијата од споменатиот меч
Топката со која Диего Марадона постигна два од најпознатите гола во историјата на фудбалот ќе излезе на аукција. Топката од познатото четвртфинале на Светското првенство во 1986 година помеѓу Англија и Аргентина има цена од 2,5 до 3 милиони фунти, пишува Би-Би-Си.
Препорачано
Ја продава Али Бин Насер, тунискиот судија кој го дозволи голот на Марадона наречен „божја рака“.
Топката беше користена во сите 90 минути од мечот, што останува еден од најконтроверзните натпревари во историјата на Светските првенства.
Марадона го постигна голот удирајќи ја топката со рака покрај англискиот голман Питер Шилтон.
Бин Насер не го забележа „ракометот“ и дозволи голот да важи, а играчот подоцна го опиша како постигнат „малку со главата на Марадона и малку со божјата рака“.
The most controversial football in the world is up for sale ⚽️?#BBCFootball
— BBC Sport (@BBCSport) October 13, 2022
Вториот гол на Марадона на натпреварот стана познат како „гол на векот“, во кој Аргентинецот издрибла петмина играчи на Англија и го совлада Шилтон.
Аргентина го доби натпреварот со 2-1 и на крајот го освои Светското првенство во Мексико.
Топката ќе се продава на аукција на 16 ноември како дел од специјален настан на Светското првенство. Ќе се пренесува во живо и потенцијалните купувачи ќе можат да ги регистрираат своите понуди онлајн од 28 октомври.
Неколку спортски сувенири соборија рекорди на аукции неодамна. Дресот што Марадона го носеше за време на четвртфиналето во 1986 година беше продаден во мај за 9,3 милиони долари (7,4 милиони фунти), што стана нов светски рекорд.
Ова беше надминато само три месеци подоцна, кога бејзбол картичката на Мики Ментл беше продадена за 12,6 милиони долари (10,3 милиони фунти) во август.