Токсиколошката лабораторија ќе работи незаконски додека да се формира нова влада

Клиниката за токсикологија нема да вработи биолог за токсиколошката лабораторија додека не се формира нова влада, потврди за „Слободен печат“ медицинскиот директор доктор Данил Петровски.

Дотогаш Токсиколошката лабораторија ќе работи незаконски, односно само со лаборант и без биолог да ги потврдува резултатите. Наместо биологот, медицинскиот директор на Клиниката, доктор Петровски ќе ги потврдува резултатите со својот печат или пак примероците за тестирање ќе се испраќаат на Институтот за судска медицина.

Како што веќе објави „Слободен печат“, токсиколошката лабораторија во моментов функционира незаконски, без носител на дејност. Законски потребно е да има вработено биолог за да може да ги потврдува резултатите.

Но, економската директорка Бесија Иљази одбила да го потпише решението за продолжување на договорот на биологот и тој сега нема право да доаѓа на работа. Резултатите на пациентите и граѓаните се оставени во рацете на еден лаборант. По формирањето на владата, Клиниката за токсикологија ќе распише конкурс за прием на лаборанти и биолози.

Инаку, ова е единствената лабораторија во државата која е достапна за пациентите 24 часа.

Лабораторијата досега одредуваше опијати, метадон, канабис, амфетамини, кокаин, бензодиазепини, бупренорфин, трамадол, алкохол и екстази. И други институции во државата имаат тестови со кои може да се докаже присуство на овие супстанци, ама квалитативно, а токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија има единствен апарат на кој сега нема биолог што би работел, а со кој се одредува семиквантитативна концентрација на сите овие психоактивни супстанци.

Тест може да се направи и дома, ама она по кое што токсиколошката лабораторија на Клиниката за токсикологија е издвоена и единствена е тоа што во неа се прави сложена интерпретација на токсиколошките анализи.

На апаратот за одредување семиквантитативна концентрација се одредувале резултати за пациенти од бројни клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“, за ГОБ „8 Септември“ и за други болници. Наместо да се развива и да се акредитира, оваа лабораторија пропаѓа. Таа не е акредитирана, нема вработен кадар, нема пософистицирана апаратура.

Во оваа лабораторија се тестираат пациентите што се лекуваат на одделението за лекување зависности и каде се администрира бупренорфин, синтетички лек за лекување на зависност од опијати. Сега нема начин како да се контролираат тие пациенти.

Стручниот колегиум повеќе пати алармирал дека токсиколошката лабораторија не смее да остане без биолог, бидејќи се работи за кадар кој е потребен за функционирањето на Клиниката. Сите интоксикации од цела држава се слеваат на Клиниката за токсикологија.

Откако стручниот колегиум едногласно зазел став дека мора да има договор за биологот, Управниот одбор тоа го потврдил. Медицинскиот директор го потпишал договорот за биологот, а организациската директорка не го потпишала.

Пукнато парно ја поплави Токсикологија, водата пробила на три ката, а болницата не е осигурана

ВИДЕО | Болничарот од Токсикологија пред камера призна дека барал урина со наркотици да се замени со чиста, ама „услугата“ не му била завршена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот