„Тиквеш“ има среќа: Слави 140 години постоење во една од најдобрите години за правење вино

Дење имаше високи температури, но ноќите беа посвежи од лани и така грозјето ја задржа својата свежина.

На одбележувањето 140 години од своето постоење, винарската визба „Тиквеш“ најави дека вината што се произведени од оваа година ќе треба да се запаметат, затоа што квалитетот на грозјето е таков што 2025 година ќе остане запишана во винската индустрија.

– Дење имаше високи температури, но ноќите беа посвежи од лани и така грозјето ја задржа својата свежина. Но, од оваа година, според папките се гледа дека и наредната ќе биде добра – објаснија стручњаците на „Тиквеш“, кои по повод својот јубилеј ги поканија медиумите да го посетат Лепово, во близина на Кавадарци од каде што се прави посебна серија на вино.

– Во Лепово има медитеранска клима со долги топли лета и поблаги зими. Тука постојано има ветер од Вардар и тоа прави природно проветрување на виновите насади. Тоа создава уникатен тероар – велат експертите, а домаќинот на „Домен Лепово“ вели дека би сакал поблиску до народот да го објасни зборот тероар.

– Винарските експерти сакат да употребуваат зборови што сите нема да ги разберат. Тоа е француски збор и значи земја. Но, во винската индустрија значи нешто повеќе. Тоа значи дека овде произведуваме вино каде што почвата и климата создава специфична географска одредница за крајниот производ – појаснува нашиот домаќин.

Од „Тиквеш“ се пофалија дека ги следат најсовремените светски трендови во енологијата и лозарството, како, на пример, дека дигитално и со прецизност мерат влажност и така штедат вода.

– Нашата визија за иднината е преку вложувања во обновливи извори на енергија и технологии за намалување на јаглеродниот отпечаток, воведување практики и дигитални решенија за прецизно лозарство, органско производство и заштитени географски ознаки, да бидеме двигател на промените, зелената трансформација и одржливиот развој на винската индустрија во Македонија и регионот. Под слоганот „Бескрајно твој“, продолжуваме да бидеме бескрајно посветени на нашите партнери и сите оние што уживаат во вината на „Тиквеш“ и во сите убавини на винската приказна што ја градат токму луѓето – велат од компанијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот