
Тежок пат е пред новиот кошаркарски селектор Марјан Илиевски
Илиевски треба да направи пресврт во подолгиот негативен резултатски тренд на А-репрезентацијата. Непоходно е долгорочно подмладување, претквалификациите за СП се зад аголот, а настапот на клучни репрезентативци е неизвесен. На подолги патеки, Илиевски треба да ја прекине низата од три пропуштени европски првенства, ако сака да биде успешен селектор
Новиот селектор Марјан Илиевски е пред тешка задача да го смени надолниот повеќегодишен од на македонската А-репрезентација, која пред малку повеќе до една деценија беше гордост на нашиот спорт со четвртото место на ЕП 2011, а денес се мачи да мине и претквалификации за големо натпреварување.
Препорачано
Краткорочно, долгорочно
Првата задача на селекторот е да состави компетентен тим за настапот на претквалификациите за СП 2027 што стартуваат во август. Но, подолгорочна а и поважна работа е да изгради тим што ќе се пласира на едно големо натпреварување, по трите неуспешни последни обиди во низа да се пласираме на европско првенство. Тоа нема да биде лесно, а мора да вклучи и подмладување на националниот тим, каде добар дел од главните играчи се на залезот на кариерите.
Фокусот на Димитријевиќ
Уште на својот прв јавен настап Илиевски најави дека сака Ненад Димитријевиќ (27) да биде столбот на неговиот тим. Тоа е и повеќе од очекувано. Нено е наш убедливо најдобар кошаркар во моментов, а со своите настапи покажал дека има огромна воља да игра во црвено-жолтитиот дрес.
Но и покрај огромната желба и придонес на Димитријевиќ на последниве квалификации за ЕП, без доволна поддршка на остатокот од тимот Македонија не беше конкурентна за пласман. Во секој случај Димитријевиќ кој е релативно млад играч, мора да остане столбот, за негативниот резултатски тренд да престане.
Тешко ќе оди подмладувањето
Долгорочно говорејќи, неопходно е да се подмлади тимот кој ни беше најстар во групата во квалификациите за ЕП 2025. Тоа е лесно да се каже но многу потешко да се направи, во ситуација кога прволигашките клубови главно се потпираат на странци, а поради тоа недоволно им се дава шанса на младите домашни таленти да се калат. Како да се развијат максимално и да придонсуваат во националниот тим, кога во клубовите често седат на клупата, а играат странци?
Што ќе биде со Јакимовски?
Добра вест е дека Андреј Јакимовски (24) најавил да игра на претстојните претквалификации за СП, а доглорочо би требало да биде еден од столбовите на националниот тим каде што долго не можеше да даде потребен придонес затоа што играше во НЦАА лигата, а оттаму не го пуштаа во националниот тим. Но, дали тој ќе се врати да игра во Европа за евентуално да биде на располагање, останува да се види.
Еден наш играч (можеби) ќе се врати од САД, но друг заминува во НЦАА лигата. Младиот талентиран Андреј Шошкиќ, како што беше објавено, заминува во НЦАА лигата од следната сезона и најверојатно подолг период нема да може да игра за репрезентацијата.
Има надеж во младите, но им треба шанса
Надеж е талентирана У18 генерација која лани избори настап на Македонија во А-дивизијата на јуниорското ЕП. Но ако прволигашите продолжат да ги запоставуваат домашните таленти, тешко ќе биде подмладувањето на националниот тим што е долгорочна непоходност. Војдан Стојановски (37), Крстевски (36), Ѓуроски (33)…, дале многу, но не можат да играат вечно.
Ќе сопре ли негативниот тренд?
Македонија не успеа да се квалификува на трите последни европски првенства откако имаше низа од учества на четири ЕП по ред. Во својот четиригодишен мандат Илиевски треба да го смени ова, за да биде успешен селектор. Тешка задача е да се сопре негативниот резултатски тренд, во ситација кога мора да се подмладува за подем на подолг рок, а изборот не е којзнае каков.
Прв голем предизвик на селекторот ќе му бидат мундијалските претквалификации летово. Илиевски веќе објави дека дел од клучните репрезентативци намаат волја да го жртвуваат летото за овие претквалификации. Нема да биде лесно, а подготовките стартуваат на 10 јули…
ФОТО | Марјан Илиевски е нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација