Фото: EPA PHOTO DPA/OLIVER MULTHAUP

Телохранителот на Шумахер го уценувал семејството: Барал 15 милиони евра и се заканувал дека ќе објави видеа од Михаел

Семејството Шумахер се најде во неволја поради поранешниот телохранител кој работел за Михаел Шумахер, легендарниот возач на Формула 1. Телохранителот наводно смислил план да го уценува семејството, сѐ со цел да изнуди од нив 15 милиони евра, пишува „Дејли мејл“.

Во 2013 година Мајкл имаше тешка несреќа на скијање и оттогаш многу малку луѓе ја знаат неговата вистинска состојба, а јавноста оттогаш не го видела. Неговата сопруга Корина се погрижи да ја зачува неговата приватност. Меѓу луѓето на кои им било дозволено да го видат Мајкл и кои знаат детали за неговата здравствена состојба е и неговиот телохранител Маркус Фриче, кој почнал да работи кај возачот 18 месеци пред несреќата.

Тој продолжил да работи за семејството во следните осум години, а никој од членовите не се сомневал во неговата лојалност. Поради ова, тие му дале целосен пристап до деталите за медицинските процедури на возачот. Сепак, семејството одлучило да го смени режимот за нега на Мајкл и Маркус добил отказ, што многу го налутило.

Потоа почнал да смислува план за уценување на семејството Шумахер. Според германските обвинители, Фриче го ангажирал својот долгогодишен пријател Јилмаз Тозтуркан и неговиот син да изнудат вртоглава сума пари од семејството. Нивниот план се вртел околу 1.500 фотографии, 200 видеа и опширни медицински белешки за Шумахер.

Фото:
EPA PHOTO ANSA/ERCOLE COLOMBO/LI-cl

Овој материјал наводно бил пронајден на четири УСБ и два хард дискови кои, според странските медиуми, Маркус ги зел од вилата на Шумахер кога сфатил дека ќе биде отпуштен. Јилмаз и неговиот син Линс потоа стапиле во контакт со семејството Шумахер, ги информирале за материјалот до кој дошле незаконски и им се заканиле дека ќе го објават на „дарк веб“ доколку не им платат 15 милиони евра.

Деталите за тоа како го спровеле нивниот план ќе бидат откриени на нивното судење во декември. Фриче и Тозтуркан се познаваат 20 години, а живееле блиску еден до друг во градот Вупертал, каде ќе се одржи нивното судење.

Обвинителот Волф-Тилман Баумерт во септември објави дека истрагата за случајот е завршена, три месеци откако мажите биле уапсени во заедничка операција на швајцарската и германската полиција. На 3 јуни, Тозтуркан, наводно, користел таен број за да се јави и да каже дека поседува фотографии и видеа од Мајкл и се заканил дека ќе ги објави. Неговиот син потоа испратил четири фотографии до семејството и рекол дека имаат еден месец да најдат 15 милиони евра, кои можат да ги платат на две рати во замена за материјалот што го добиле. Размената требала да се случи во канцеларијата на адвокатот на семејството Шумахер.

Една недела откако Линс ги испратил фотографиите, полицијата го уапсила него и неговиот татко. Јилмаз бил обвинет за изнуда, а Линс за помагање и поттикнување изнуда. Уапсен е и Фриче. Тозтуркан моментално е во притвор, додека Линс и Маркус се ослободени со кауција. На нивното рочиште судијата ќе одлучи дали има доволно докази предметот да продолжи, а веќе се одредени четири термини за следните рочишта. Обвинителите бараат четиригодишна затворска казна, но доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува повисока казна поради сумата што наводно ја барале од семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот