
„Тефлон Марк“ една година на чело на НАТО
Марк Руте го носи прекарот „Тефлон Марк“ поради неговата издржливост по 14 години како премиер на Холандија – релативно долг мандат на чело на една европска влада. Денеска тој одбележува една година на чело на НАТО.
По преземањето на функцијата од Јенс Столтенберг, кој го водеше НАТО цели десет години, на 1 октомври 2024 година, поранешниот холандски премиер Марк Руте знаеше дека нема да има лесен почеток. Руте беше очигледен избор за позицијата, бидејќи европските сојузници веруваа дека доколку Доналд Трамп биде реизбран за претседател на САД само еден месец подоцна, тој е лидерот кој најдобро ќе се справи со потенцијално многу кревкиот однос меѓу НАТО и САД.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За време на кампањата, Трамп јавно му понуди на непријателот на НАТО, рускиот претседател Владимир Путин, да прави „што и да посака“ со земјите кои не го исполниле ветувањето од 2014 година да трошат најмалку 2% од БДП за одбрана. Во неговиот прв мандат, Трамп размислуваше за повлекување на САД од алијансата.
НАТО имаше три цели, формулирани од првиот генерален секретар, лорд Хејстингс Исмеј. Најважната од нив беше да ги задржи Американците внатре и Русите надвор. (Третата цел – „да ги држи Германците долу“, подоцна се промени, бидејќи Берлин беше поттикнат да го зголеми буџетот за одбрана и воената подготвеност.)
„Што треба да се направи“
Откако Трамп навистина беше реизбран, Руте со ентузијазам ја презеде улогата на обновување на американската посветеност кон НАТО, иако не секогаш со целосна транспарентност. Тој отпатува во Мар-а-Лаго уште пред инаугурацијата на Трамп, за да се сретне со новоизбраниот претседател, обидувајќи се неуспешно да ја задржи посетата во тајност.
На подоцнежен состанок во март, откако Трамп беше инаугуриран, Руте беше критикуван што молчеше додека претседателот најави дека сака да го купи Гренланд, најголемиот остров во светот и полуавтономна територија на членката на НАТО, Данска.
Џим Таунзенд, поранешен заменик помошник секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика, рече дека можеби токму стравот од тоа што Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс јавно ќе го понижат украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа го спречил Руте да реагира во тој момент за Гренланд. „Не го правиш тоа освен ако не се работи за животи,“ вели Таунзенд. „Тогаш одиш тивко и правиш корекција. Ако Руте се вмешаше во тој момент, ситуацијата само ќе се влошеше.“
Таунзенд, сега виш соработник во Центарот за нова американска безбедност, рече дека Руте можеби претерал со ласкањето кон Трамп. „Секако, не е добро да се угодува толку многу на еден сојузник,“ потенцира тој. „Не смееш да имаш фаворити. Но, во овој случај, САД се моќен сојузник, и важно е Руте да направи сѐ што треба за да го задржи (Трамп) активен во алијансата, а не да фрла камења кон неа.“
Соработка со Трамп
Американски официјални лица предупредија дека Трамп можеби нема ни да присуствува на НАТО самитот во јуни во Хаг, родниот град на Руте, ако алијансата не ја зголеми целта за трошење од 2% на 5% од БДП. Руте лобираше кај членовите и, барем во еден случај, употреби креативно формулирање за да ги усогласи бројките, и до самитот, Ер Форс Уан (Air Force One) веќе леташе преку Атлантикот.
„Неговата способност да се справи со внатрешни тензии и политички пукнатини е докажана,“ рече Рем Кортевег, раководител на американската програма во Институтот Клингендел во Хаг. „Европските сојузници мора да преземат повеќе одговорност за сопствената безбедност. Тоа сега е јасно. Тие се обврзаа на поголемо трошење за одбрана, а САД за возврат ја обновија посветеноста кон одбраната на алијансата. Тоа е добра вест. Проблемот е: не знаеме колку ќе трае ова. Ова може да се покажат како краткорочни успеси. Со оглед на притисоците врз Алијансата, други важни, но можеби помалку итни теми, сега се ставаат во втор план.“
Реакцијата на Трамп по самитот беше нешто што малку членки го очекуваа. „Дојдов тука затоа што тоа беше нешто што требаше да го направам, но си заминав поинаков,“ рече Трамп при заминувањето од Хаг. „Си заминав со мисла дека овие (лидери на НАТО) навистина ги сакаат своите земји. Не е измама, и ние сме тука за да им помогнеме да ја заштитат својата земја.“
Претседателот на САД можеби не стигнал до овој заклучок само благодарение на Руте, неколку други лидери на НАТО вложија напори за трансатлантско помирување, но како што притисокот падна врз него, така и заслугите.
Оценки за Руте
Кога станува збор за заслуги, ДВ побара од неколку експерти за надворешна политика да го оценат Руте по неговата прва година, со „А“ како највисока оценка.
„Б-“ — Елена Лазару, генерален директор на ЕЛИАМЕП, Хеленска фондација за европска и надворешна политика: „Обезбедувањето на посветеноста на сојузниците за зголемено трошење за одбрана во Хаг не беше лесна задача. Тоа помогна да се обнови чувството за континуитет и кредибилитет на алијансата. Би рекла дека генералниот секретар ги навигираше првите 12 месеци со соодветна мешавина од стратегија и дипломатија, и покрај повремените комуникациски грешки.“
„Б“ — Џим Таунзенд, Центар за нова американска безбедност: „Сè уште е рано, па да видиме дали ќе стигне до А во наредните години. Неговата енергија и оптимизам се предност (во соодветна количина и во соодветно време). Но, вистинскиот тест е пред него: како ќе го одржи НАТО обединет и ќе се спротивстави на агресивна Русија?“
„Б+“ — Рем Кортевег, Институт Клингендел: „Досега, добро. Европските сојузници на НАТО имаат потреба од време, време за подобрување на воените капацитети и време за постепено преземање на повеќе одговорност за безбедноста на Европа. Руте значително придонесе за задоволување на Трамп и обезбедување на тоа потребно време. Ако треба да му ласка на американскиот претседател во меѓувреме, нека биде.“
„А“ — Иан Лесер, раководител на канцеларијата во Брисел на Германскиот Маршалов Фонд на САД: „Неговата работа би ја оценил многу, многу високо. Ги исполни очекувањата што постоеја пред неговото назначување… Но не само тоа. Тој ја поведе алијансата напред во тешки прашања, за трошење, за други работи. И веројатно ќе има нови предизвици, поврзани со правилата за ангажман при воздушни упади од Русија и други прашања каде консензусот во алијансата е апсолутно критичен.“
Севкупно, според меѓународните набљудувачи, не беше лоша прва година, но втората, секако, ќе донесе уште повеќе тестови. „Сега, кога самата алијанса е сè повеќе под закана (од дронови, воздушни упади, хибридни операции), останува да се види дали секогаш насмеаниот и малку неформален Руте може ефикасно да го води НАТО и под надворешен притисок,“ вели Кортевег. „Може ли да биде и строг генерален секретар, покрај тоа што е инклузивен?“.
Извор: Дојче веле/ Автор: Тери Шулц