„ТАВ Македонија“ нема информации од бугарската авиокомпанија за прекин на летот Скопје-Софија

Од „ТАВ Македонија” попладнево соопштија дека во моментов немаат информација од бугарската авиокомпанија ГуливЕр за прекин на авиолинијата Софија-Скопје.

Медиумите вчера, повикувајќи се на Дел од порталот за авиобизнис „ЕксЈу авијација” објавија дека од 21 мај прекинува продажбата на авиобилети за летот Софија-Скопје.

– Во моментов немаме никакви информации добиени од страна на авиокомпанијата за прекини во најавениот распоред на летање, се вели во одговорот што МИА го побара од „ТАВ Македонија” по информациите дека авиокомпанијата „Гуливер” ја прекинува продажбата на карти за оваа линија.

Од Владата информираа дека воспоставувањето на авиолинијата не е субвенционирано од нивна страна и за сите одговори упатија на адреса на авиокомпанијата.

– Во однос на авиолинија Софија – Скопје, Ве информираме дека авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски. Според информации со кои располагаме, авиокомпанијата има одобрено термини (слотови) за полетување и слетување и во текот на овој месец, стои во одговорот на Владата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи , денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека најверојатно причина за прекинот се преговорите што ги води авиокомпанијата со бугарската Влада во делот на субвенционирањето.

– Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите, при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не, изјави Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот