Драги Георгиев, татко на загинатиот тапанар на музичката група „ДНК“ Ѓорги / Скриншот

Таткото на загинатиот тапанар од ДНК ѝ остави 2.000 денари на власта на улица во Кочани, да дојдат да запалат свеќа

Огромен револт и разочарување кон премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска искажа Драги Георгиев, татко на загинатиот тапанар од ДНК Ѓорги. Меѓу другото ова разочарување рече дека е и поради тоа што на Задушница не го видел државниот врв да запали свеќа или да ги посети гробовите на загинатите во пожарот во „Пулс“.

Драги Георгиев рече дека бил да се бори за Македонија во две војни, едната при распадот на Југославија а другата во Македонија со што покажал вистински патриотизам. Извади банкнота од 2 илјади денари, ја остави на улицата и ги повика властодржците да дојдат да ја земат, за како што рече, да имаат пари да запалат свеќа за загинатите деца во „Пулс“. Тој рече дека по смртта на неговиот син имало 9 кражби извршени на местото на неговиот гроб, а полицијата не успеала да ги расчисти.

Полицијата уште тогаш ми рече дека не можат да ги фатат. За три дена, од 6 сабајле до 9 вечер, јас сам си ги фатив. Им реков чим не сте способни вие, јас сам ќе ги фатам. Ги фатив и им ги дадов во раката. Па зошто ни се полицајци тогаш? На крај ги пуштија дома, рече Георгиев.

Изрази разочарување од кадровските решенија на Управата за водење матични книги, каде кога бил да бара посмртница за синот, како што рече, не сакале ниту да го погледнат листот и веднаш го препратиле на друга локација и наместо за синот, го упатувале да бара посмртница за „дедото“ со крајна незаинтересираност.

-Му го давам листот и ми вели да одам за дедо ми во Кочани да вадам посмртница. Такви работници имате ставено во Струмица. Знаете какви се агресивни – ми вели тој службеникот дека 30 години работи тука. Ти бе господине, џабе што работиш 30 години тука кога не вредиш. Кој те стави тука? Прочитај за кого се работи, за моето дете Ѓоко Георгиев од Струмица за кого плачеше цела Струмица. На неговиот гроб цела Струмица плачеше, без разлика на вера, нација и партија! Вие не сте способни да имате влада, да си дадете оставка на 16-ти кога загинаа нашите деца, одберете си го месецот, рече Георгиев. 

Драги Георгиев обвини дека службите го следеле со возила, а на гробишта некој му се заканил дека „многу зборувал и пишувал на социјалните мрежи“. Тој ги покажа писмата со сочувство што му ги испратиле од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова и од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и ги искина пред камерите.

Рече дека за него тие писма не важат, зашто се бланко потпишани, испратени до сите, про-форма.

-Вие немате срце, рече Георгиев.

На денешниот протест во Кочани „Марш за ангелите“, роднините и родителите на загинатите повторно беа пред полициската станица во Кочани, каде се обраќаа кон полициските службеници со поплаки дека работат селективно, дека се корумпирани и не преземаат дејствија кои со закон се обврзани да ги преземат, што според родителите е причина за смртта на 62-те жртви во „Пулс“.

Во еден момент настана ескалација кога родителите забележаа дека од внатрешноста на полициската станица во Кочани, некој ги снима. Беше испратена пораката дека родителите на загинатите и повредените им оставиле доволно време на органите на прогонот да спроведат детална и неселективна истрага, но добиле како што рекоа „едно големо ништо“.

Говорите кои што беа држени одеа во насока на селективна истрага, и незадоволство од невклучување на актуелни функционери и избрани и именувани лица од владата на ВМРО-ДПМНЕ кои раководеле со витални функции задолжени да контролираат различни аспекти од функционирањето на дискотеката во моментот на настанувањето на пожарот.

-Но во изминатите недели овие институции ни ја потрошија и последната тронка надеж и доверба дека оваа држава може да не заштити. Овие институции одново ги убија нашите деца и надежта во нас дека оваа трагедија ќе биде лекција за во иднина. Министерот Панче Тошковски и обвинителот Љупчо Коцевски ни должат одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи и немал никаква лиценца, а имал и блокирана сметка од УЈП. Ако не смеел да работи, тогаш кој треба да одговара што на 16 март оваа дискотека беше отворена? Ниту Обвинителството ниту МВР не ни дадоа одговор кој ќе одговара за внесувањето на нелегалната пиротехника во објектот која е причина за пожарот? Како е можно после повеќе од 80 дена ОЈО и МВР да немаат одговор кој ја внел пиротехниката во „Пулс“? Како е можно и после 80 дена никој да не го знае потеклото на пиротехниката? Зошто не одговара никој од МВР кое согласно закон морало да ја контролира употребата на пиротехниката? Тошковски и Коцевски, каде е одговорноста на Државниот пазарен инспекторат кој врши инспекциски надзор над примената на законот во угостителството? Како е можно овој инспекторат да не увиди дека фирмата што раководи со дискотеката работи спротивно на сите можни закони таа вечер? Каде е одговорноста на УЈП која иако ја казнила дискотеката за неиздавање фискални сметки, истата не го затворила објектот?, праша една од мајките на загинатите. 

Споменато беше и Министерството за економија и тоа раководено од актуелната власт, кое било должно да ја извести фирмата што управува со „Пулс“ дека им истекува лиценцата 1 месец пред пожарот што не било сторено.

-Господа, да ве потсетиме дека не гледавте во очи и ни ветувавте правда за нашите деца. Да ве потсетиме дека ни велевте, да се стрпиме уште некој месец и ќе ги видиме ефектите од тоа што е сработено. Директно ќе ви одговориме – видовме едно големо „ништо“. Нас нема да не поколебаат коментарите на вашите ботови на социјалните мрежи зашто ние немаме повеќе што да загубиме, рече таа. 

На Маршот за ангелите, беше кажано дека полицијата ја затворила вратата на дискотеката вечерта на 16 март, аспект за кој обвинува и опозициската СДСМ на прес-конференции, меѓутоа кој не е потврден со оглед на тоа што МВР го класифицирало документот „стандардна оперативна процедура“ и не го дава на новинарите што го бараат. На прашањето дали е точно тоа што го тврдат од владата, дека кабинетот на премиерот постојано е во контакт со семејствата на загинатите, родителите се изнасмеаа.

-Сакаме јавна и транспарентна истрага, да се обезбедат сите снимки, извештаи, повици. Да нема селективна правда. Ниту еден некогашен „наш“ да не биде заштитен. Нема да молчиме и простиме додека не дојде правдата. Зборувам како сестра не само на моите браќа туку на сите деца што беа таму. Ова е колективна рана. Зборувам и како мајка на 2 мали деца. Стравот што го носам во себе е неподнослив, зашто знам дека системот нема да се промени. Зборувам зашто ми е страв и сакам моите деца да растат во држава што ќе ги штити, а не што ќе ги остава да горат во пламен како што изгореа сите 62 деца. Ова не е политичко, ова е човечко. Доста беше тишина, време е за вистинска одговорност, рече друга присутна на Маршот за ангелите кој денеска се одржа во Кочани. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот