
Татко на министер и поранешен директор на УБК кој го именуваше Заев ќе го советуваат Мицкоски
Љупчо Андоновски и Горан Николовски Џони, поранешни директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кои беа на високи позиции додека УБК ја водеше Сашо Мијалков, кој беше обвинет за масовното прислушување, ќе го советуваат премиерот Христијан Мицкоски за безбедноста.
Препорачано
Андоновски е татко на Стефан Андоновски, актуелниот министер за дигитална трансформација, но татко и на Игор Андоновски, новиот началник на Агенцијата за национална безбедност за Град Скопје. Таму, неофицијално, бил унапреден во декември, од началник на единицата на АНБ – Гази Баба, каде што бил поставен во август. Освен синот на Андоновски во АНБ, која од неодамна ја води омилениот разузнавач на премиерот, Бојан Христовски, неофицијално, во АНБ работи и сопругата на другиот советник на премиерот, Николовски.
Андоновски „Постариот“ го наследи Мијалков во УБК во мај 2015 година, кога братучедот на Никола Груевски си даде оставка од функцијата, по престрелката во „Диво насеље“ во Куманово, кога загинаа осуммина полициски припадници. Во 2006 година, кога директорската функција во УБК ја презема Мијалков, Љупчо Андоновски бил назначен за директор на Одделението за безбедност и контраразузнавање. На директорското место во УБК се задржува кратко, до септември 2016 година. Андоновски е близок човек на Мицкоски, а заедно беа „фатени“ како седат во кафеана на улицата „Боемска“ во Скопје, во 2020 година, кога ги прекршија корона-протоколите.
Владата на Заев го именуваше Николовски за директор на УБК
Николовски за нов директор на УБК беше именуван од Владата предводена од Зоран Заев, по смената на власта, иако Николовски беше на високи позиции во УБК, беше и во времето на Мијалков. Според јавно објавената биографија за него, од 2001 година бил началник на Секторот за контратероризам, во 2013 година станува началник на Одделот за контраразузнавање, а во 2015 година станал помошник директор за контраразузнавање. Додека тој беше на чело на оваа служба, се спроведе референдумот за промена на уставното име, а пред референдумот, Николовски јавно зборуваше дека Русија има влијание врз граѓанското изјаснување и дека тоа е предмет на истрага.
ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година ја обвинуваше УБК дека го следела поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а со службени белешки на УБК, за кои обвинетите тврдеа дека се лажни, им беше продолжуван притворот на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.
–Кој издал наредба УБК да го следи претседателот на државата и неговите активности? Кој ја издал наредбата за следење на Јанакиески и на Божиновски и монтирање политички конструкции во службени белешки? Колку и какви сè белешки собира УБК за работењето на претседателот Иванов? Дали се злоупотребува УБК за да се фингираат политички мотивирани судски одлуки? Колку, но и против кој сè се подготвуваат вакви и слични конструкции? Кои се другите лица од опозицијата што се предмет на следење и обработка од УБК и други служби, но и кој ги составува списоците на „политички неподобните“ што треба да бидат следени? Колкава штета трпи безбедноста на државата додека УБК се расправа со политички партии и неистомисленици на СДСМ наместо со вистинските безбедносни предизвици? – прашуваше тогаш партискиот портпарол.
Меѓу советниците, најмногу внимание предизвикаа тројца поранешни функционери од времето на владеењето на Груевски – поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски, поранешниот министер за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски.
Вељаноски е тазе амнестиран од кривично гонење за организирање на „крвавиот упад“ во Собранието од 27 април 2017 година. Кога гневната толпа упадна во Собранието, Вељаноски тогаш беше собраниски спикер, кој од својот кабинет следел што се случува. Вељаноски го советува Мицкоски за собраниски, политички прашања, но и за правосуден систем.
Поранешни министри, но и странец на списокот на советници
Ставрески важеше за еден од најблиските соработници на Груевски, а неговиот глас беше еден од најчестите во „бомбите“ што ги пушташе опозициската СДСМ. Од тие разговори стана познат по фразата „трошиме за чоколада, а немаме ни за леб“. Сепак, Ставрески остана настрана од сите обвиненија против поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а сега го советува премиерот за теми од финансии и банкарство.
Пешевски, кој беше еден од осомничените во случајот „Траекторија“, за изградбата на автопатот Кичево – Охрид се спаси од кривично гонење со измените на Кривичниот законик кои беа изгласани во Собрание, а предложени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Тој ќе советува за стратегиски прашања од областа на економијата.
Меѓу советниците има еден странец – Јоханес Хајдекер. За него се тврди дека бил советник и на германската ексканцеларка Ангела Меркел. И наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски, го задржа Хајдекер како советник, кој се поврзуваше со поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел. За него има најдолго објаснување за што советува: „надворешен советник – интегриран експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на претседателот на Владата за подготовка на целни документи за политики, анализи и совети до премиерот и координација со другите ресорни министерства при подготовка и имплементација на владините економски политики со јасна стратешка ориентација кон процесот на пристапување во ЕУ“.
Меѓу помалку познатите имиња се поранешниот амбасадор во Берлин Сашо Марковски, како советник за надворешна политика, Цветко Мицевски ќе го советува Мицкоски за инфраструктура, за прашања од областа на правото е ангажиран професорот Гоце Наумовски. За прашања од областа труд и социјална политика – Лазар Јовевски, за европски прашања – професорот Александар Спасеновски (поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ), Снежана Трпевска ќе дава совети за унапредување на образованието, здравството и социјалната заштита и спроведување на конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. За односи со заедниците советник е Шенер Биљали, за култура – Мимоза Рајл, а Јован Пејковски за политички и економски науки. Професорот Даме Димитровски ќе се занимава со прашања за животна средина и клима.
Како што објави Владата, овие експерти ќе донесат вредни сознанија за развојот на политиките, економските стратегии и меѓународните односи и ќе ја поддржат Владата во „донесувањето информирани одлуки“.
„Активностите на Владата се водени од анализа и непристрасни совети, зајакнување на транспарентноста и стратешкото лидерство“, пишува Владата.