
Татјана Димитровска поднесе оставка од функцијата претседателка на ДКСК
По огромен притисок од јавноста, претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровска ја депонираше својата оставка до Собранието. Од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши, велат дека ќе постапат во согласност со предвидените процедури.
Препорачано
Претходно Димитровска го врати безбедносниот сертификат со највисок степен на класификација „државна тајна“ во Антикорупциска откако Обвинителството ѝ поднесе обвинение дека го стекнала со компјутерски фалсификат, односно дека ревизор од Државниот завод за ревизија ѝ го полагал тестот во нејзино име.
Засега и таа и ревизорот ги дале своите безбедносни сертификати во институциите и не можат да ги користат. Димитровска е обвинета во предметот „Адитив“ за наводно издавање службена тајна.
Во оставката Татјана Димитровска се повикала на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување корупција и судир на интереси и нема ништо повеќе. Во овој член од Законот се опишува дека престанок на функцијата и разрешување на претседателот или членовите на ДКСК, се случува при поднесување оставка.
Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за „Слободен печат“ велат дека се прават дополнителни безбедносни проверки за утврдување на безбедносен ризик за Димитровска и за ревизорот, а по завршување на проверките, Дирекцијата ќе донесе одлука за евентуално одземање на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговото важење.
Од партијата Левица чии пратеници беа единствените кои најавија дека ќе поведат постапка за разрешување во Собранието за Димитровска, велат дека нејзината оставка не е морален чин туку резултат на јавен притисок.
– Оставката на Димитровска не претставува чин на морална одговорност туку е директна последица од засилен јавен, медиумски и политички притисок особено откако Левица поднесе иницијатива за нејзино разрешување во Собранието. Димитровска што претходно експлицитно одбиваше да поднесе оставка, очигледно заминува во обид да се избегне отворена политичка конфронтација и срамно гласање по иницијативата на Левица. Дека оваа оставка е договорена, а не доброволна, јасно говори молкот на ВМРО-ДПМНЕ и владата предводена од Мицкоски, како и на СДСМ, кои во ниту еден момент не побараа одговорност и не упатија никаква критика за работата на ДКСК, дури ни откако против Димитровска се покренаа две обвиненија – велат од Левица.
Оттаму сметаат дека угледот и кредибилитетот на ДКСК се целосно компромитирани и критикуваат што Антикорупциска не се дистанцирала од Димитровска, ниту побарала оставка, со што и самите станале дел од проблемот.
Оваа институција, наместо чувар на јавниот интерес, стана парализирана алатка на владејачките партии, неспособна и незаинтересирана да се справи со корупцијата. Левица бара колективна оставка на целиот состав на ДКСК. Овој состав низ целиот свој мандат не отвори ниту еден сериозен случај против функционери на власта, и покрај секојдневните коруптивни скандали, туку активно учествуваше во релативизирањето на криминалот и негова заштита. Најилустративен е примерот со поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ, каде ДКСК не утврди никакви неправилности и одлуката да се препушти на претседателката Сиљановска-Давкова да одлучува по претставката против директорката на Агенцијата за разузнавање – кадар што таа лично го именуваше, што е институционално апсурдно и целосно недозволиво. ДКСК мора да се реформира од корен, велат од Левица.
Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.
Оставката на Димитровска доаѓа откако претставници на платформата за борба против корупцијата, поранешни антикорупционери и аналитичари ја повикаа да го стори тоа како чин на морална одговорност.