
Таравари треба да даде релевантни факти зошто излегува од Владата, вели Ристески
Владата е стабилна, функционира стабилно со полна пареа, имаме стабилно мнозинство, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески во вчерашното гостување во емисијата „Отворено“ на ТВ24.
Препорачано
Според Ристески, волјата на сите граѓани јасно била изразена на изборите минатата година и оваа владина коалиција добила кредибилитет за она што го ветиле пред изборите, а тоа како што кажа, е дека ќе се борат против криминалот, корупцијата, како и тоа дека ДУИ ќе замине во опозиција.
„Ние ветивме бескрупулозна борба со криминалот и корупцијата и за овие 10 месеци апсолутно тоа го правиме и ќе продолжиме без разлика дали тоа му се допаѓало на Арбен Таравари, Али Ахмети, Венко Филипче. Ние ќе продолжиме со тоа што сме го добиле како доверба од граѓаните на Република Македонија без разлика дали се Албанци или Македонци и албанскиот електорат даде поддршка на борбата со криминалот и корупцијата и она што ДУИ го правеше со дивеење со државните ресурси во изминатите 20 години додека беа на власт. Јасна беше волјата и на албанските гласачи, ја дадоа довербата на оние кои застанаа против ДУИ“, рече Ристески.
Тој додаде дека Таравари треба да излезе со релевантни факти зошто излегува од владата, бидејќи, како што рече, тука има доста сомнежи околу причината за ваквиот однос.