Арбен Таравари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таравари даде отчет за првите 100 дена: Докторите од приватните клиники сакаат да се вратат во државните

Проширувањето на Позитивната листа со нови лекови, вработувањето на специјализантите, реновирање на дел од здравствените установи, како и планот за соработка со хрватското Министерство за здравство, беше дел од отчетот на министерот за здравство Арбен Таравари по повод 100 дена Влада.

На прес-конференција Таравари изјави дека има интерес од доктори што работат во приватните клиники да се вратат во државните.

– Имаше една забрана од Владата во 2022 година, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните. Пред три недели ја поминавме на Влада одлуката да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство подготвуваме правилник. Тоа нема да важи за сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба. Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме – додаде тој.

Според министерот, здравствениот систем се соочува со недостиг на средно медицински кадар и најави дека во договор со Министерството за финансии, ќе се направи координација барем половина од средно медицинскиот кадар кој работи со договор да биде вработен во јавните здравствени установи.

Во здравството до сега имало околу 2.500 договорци, генерално среден медицински кадар, медицински сестри, болничари и хигиеничари, за што рече, дека од посетите на болниците му било укажано дека има посебен недостаток.

– Како Влада треба да се усогласиме со Министерството со финансии да видиме дали има ресурси. Јас сум со идеја барем на половина од овие, односно на 1.250 да им дадеме решенија. Директорите ќе кажат на кои, тие најдобро знаат кој вреди да продолжи и кој не е добро да продолжи, туку треба да најдеме подобар од него. Ми треба дефинитивна координација со министерката за финансии, ќе направам сè што можам барем на половина да им дадеме решение и да можеме повторно да примиме нови договорци и недостатокот да го покриеме – изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата по повод 100 дена од новата Влада.

Проблемот со договорците, нагласи, не е проблем во една клиника или една болница туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата.

Тој кажа дека со хрватското Министерство за здравство бил потпишан план за соработка во повеќе сегменти, а спомена и дека се обезбедени 10 милиони евра за прочистување на воздухот во сите јавни здравствени установи, во соработка со регионалната канцеларија на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).

– Наша заложба е младиот здравствен кадар активно да се вклучи во јавното здравство. Во соработка со медицинските факултети, работиме на законско решение за стимулирање на најдобрите студенти по медицина, веднаш по дипломирањето да бидат вработени во јавното здравство – посочи Таравари.

Таравари соопшти и дека реализирале неколку инвестиции во нова медицинска опрема и инфраструктура во јавните здравствени установи низ државата.

– На Универзитетската клиника за дигестивна хирургија е инсталирана нова опрема во хируршките сали во вредност од еден милион евра. Нова инвестиција во опрема, во вредност од 18 милиони денари е реализирана во Клиничката болница во Битола. На Клиниката за очни болести е инсталиран најсовремен хируршки микроскоп. Во Клиничката болница – Штип обезбедена е современа опрема за уролошки процедури, во вредност од 12 милиони денари – додаде министерот.

Посочи дека комплетно е реновиран и кабинетот за аудиометрија во Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација во Скопје, реновирани се простории на Институтот за радиологија, а на Клиниката за детски болести комплетно е реновирана невролошката амбуланта. Во Клиничката болница во Тетово, како што рече, решен е долгогодишен проблем со пуштањето во употреба нови пет лифта и санирање на кровната конструкција.

– Жителите на општина Илинден по половина век добиваат здравствен дом – инвестиција вредна 16 милиони денари. Во поликлиника „Идадија“ во Скопје е обезбеден нов апарат за магнетна резонанца. Отворивме и посебна телефонска линија – 072-899-001, за предлози и идеи, пријава на неправилности и отворен ден за средба со граѓаните. Ја спроведовме постапката за обезбедување нова компресорска станица за хируршките клиники. Работиме и на регионализација, односно рационализација на здравствениот сектор, со цел граѓаните да добијат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници – Тетово, Штип, Битола, како и во општите и специјални болници во внатрешноста – додаде Таравари.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви реакции добива од граѓаните на отворената линија за контакт со него, министерот изјави дека официјално еден ден во неделата се гледа со пациенти, но секојдневно комуницира со граѓани, пациенти. Таравари смета дека околу 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавните здравствени установи.

– За жал, новинарите од нив не прават вести за пациентите кои се задоволни од тој доктор, дадена добра услуга, алал нека ви е за сè што направивте за пациентот. Околу 20 до 30 отсто има пациенти коишто не се задоволни. Има разноразни забелешки од нив, некои оправдани, некои не се оправдани, да бидеме искрени. Некогаш некој чека пет минути и е нервозен. Сите чекаме некаде. И во банка кога одиме, чекаме 10 минути, па не викаме. Некои се нервираат, некои и со право се жалат. Кога имало жалби сме комуницирале и директно со докторите од кои се жалеле, некогаш сум ги соочувал граѓанинот – пациентот со докторот и на крајот на краиштата здравствениот систем постои заради пациентите и тие се центарот во орбитата на здравствениот систем – додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!