
СЗО: Загрижувачки тренд, зголемен бројот на болни од рак на белите дробови кај непушачите
Уделот на луѓе на кои им е дијагностициран со рак на белите дробови, а кои никогаш не пушеле, се зголемува, при што загадениот воздух е важен фактор, објави Агенцијата за истражување на ракот на Светската здравствена организација (СЗО).
Препорачано
Според Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК), болеста сега е петта водечка причина за смрт од рак кај луѓето кои никогаш не пушеле. Исто така, ракот на белите дробови кај непушачите се јавува речиси исклучиво во форма на аденокарцином, кој стана најдоминантен од четирите главни подтипови на болеста кај мажите и жените во светот.
Според студијата на ИАРК објавена во „Лансет респиратори медисин“ (The Lancet Respiratory Medicine), околу 200.000 случаи на аденокарцином во 2022 година се поврзани со изложеност на загаден воздух. Најголем товар на аденокарцином што се припишува на загадувањето на воздухот е забележано во Источна Азија, особено во Кина, покажа студијата.
Во интервјуто за „Гардијан“, главниот автор на студијата и раководител на одделот за следење на рак во ИАРК, д-р Фреди Бреј, рекол дека резултатите ја нагласуваат итната потреба за следење на променливите ризици од рак на белите дробови.
Тој додал дека се потребни понатамошни студии за да се идентификуваат можните причински фактори, како што е загадувањето на воздухот, кај популациите кај кои пушењето не е главната причина за рак на белите дробови.
„Како што се намалува преваленцата на пушењето, што е видливо во Велика Британија и САД, уделот на дијагностицирани случаи на рак на белите дробови кај непушачите обично расте. Дали ќе се зголеми глобалниот удел на аденокарциномот што може да се препише на загадувањето на воздухот, ќе зависи од релативниот успех на идните стратегии за сузбивање на употребата на тутун и загадувањето на воздухот во светот“, рекол Бреј.
Ракот на белите дробови останува водечка причина за заболување и смртност од рак во светот. Во 2022 година, беа дијагностицирани околу 2,5 милиони случаи на болеста. Но, обрасците на инциденцата на рак на белите дробови според подтипови значително се променија во последните децении.
Од четирите главни подтипови на рак на белите дробови – аденокарцином, планоцелуларен карцином, карцином на малите клетки и карцином на големите клетки – аденокарцином стана доминантен и кај мажите и кај жените.
Аденокарциномот во 2022 година сочинуваше 45,6 отсто од глобалните случаи на рак на белите дробови кај мажите и 59,7 отсто кај жените, додека во 2020 година овие проценти беа 39 и 57,1 отсто. Во исто време, ИАРК наведува дека аденокарциномот сочинува дури 70 отсто од случаите на рак на белите дробови кај луѓе кои никогаш не пушеле.
Пораст на заболувања кај жените
Додека стапките на инциденца на рак на белите дробови кај мажите генерално се намалуваат во повеќето земји во последните 40 години, стапките кај жените продолжуваат да растат.
Тековните трендови покажуваат дека, иако мажите сè уште претставуваат најголем дел од случаите на рак на белите дробови (околу 1,6 милиони во 2022 година), разликата во инциденцата на ракот на белите дробови помеѓу мажите и жените сè повеќе се намалува, при што околу 900.000 жени добиле дијагноза на рак на белите дробови во 2022 година.
На пример, во 2023 година, бројот на жени дијагностицирани со рак на белите дробови во Велика Британија за првпат го надмина бројот на заболени мажи на кои им била дијагностицирана оваа болест, што поттикна повици за зголемена свест кај жените за оваа болест, слично како кај ракот на дојката.
Експертите за рак велат дека податоците ги одразуваат историските разлики во преваленцата на пушењето, при што стапката на пушење кај мажите достигнала највисоко ниво многу порано отколку кај жените.
Промените во производството на цигари и обрасците на пушење во текот на последните децении влијаеја на трендовите на инциденцата на ракот на белите дробови според подтиповите, а има сè поголеми докази кои ја потврдуваат причинско-последичната врска помеѓу загадениот воздух и зголемениот ризик од аденокарцином.
Сè уште не е познато колкав процент од глобалните случаи на рак на белите дробови го прават непушачи, но доказите покажуваат дека овој број е во пораст. Научниците забрзано се обидуваат да откријат што друго, освен пушењето, предизвикува рак на белите дробови.
„Загадувањето на воздухот може да се смета за важен фактор кој делумно ја објаснува зголемената доминација на аденокарциномот, кој сочинува помеѓу 53 и 70 отсто од случаите на рак на белите дробови кај луѓето кои никогаш не пушеле“, се наведува во студијата.