
СЗО: Богатите земји не треба да порачуваат дополнителни вакцини
Светската здравствена организација (СЗО) им предложи на богатите земји да не нарачуваат дополнителни дози на вакцини за нивната вакцинирана популација, додека другите земји сè уште немаат примено вакцини против Ковид-19.
Препорачано
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус рече дека бројот на жртвите во пандемијата на коронавирусот повторно се зголемува, варијантата Делта станува доминантна и многу земји сè уште немаат добиено доволно дози на вакцини за да ги заштитат своите здравствени работници.
„Делта варијантата се шири низ светот со застрашувачка брзина, што доведува до нов пораст на инфекции со Ковид-19 и смртни случаи“ рече Тедрос, истакнувајќи дека делта варијантата, која најнапред беше откриена во Индија, а сега во повеќе од 104 земји, е многу опасна за невакцинираните луѓе.
Тој смета дека глобалното снабдување со вакцини е крајно „нерамномерно и неправедно”.
„Некои земји и региони всушност нарачуваат милиони дополнителни дози пред другите земји да обезбедат за да ги вакцинираат своите здравствени работници и најранливите“ предупреди Тедрос.
Тој ги издвои производителите на вакцини „Фајзер” и „Модерна” како компании кои имаат за цел да обезбедат дополнителни вакцини на земјите кои веќе имаат висока стапка на вакцинација.