
СВП 2023 со награди „Златен венец“ за Влада Урошевиќ и „Мостови на Струга“ за Гевин Бредли
Добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година беа прогласени на 21 март – Светскиот ден на поезијата на свечени настани што истовремено се одржаа во Париз и во Скопје.
Препорачано
Годинава имавме исклучителна можност прогласувањето на лауреатите да се одвива истовремено во седиштето на УНЕСКО во Париз и во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Во седиштето на УНЕСКО, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги објави лауреатите на СВП, а во НУБ „Св. Климент Охридски“ на свечениот настан по повод Светскиот ден на поезијата и одбележување на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов лауреатите беа објавени од страна на претседателката на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева и членот на Управниот одбор на СВП, Владимир Мартиновски, по што следуваше поетско читање од истакнати поети членови на Македонскиот ПЕН Центар и на Друштвото на писатели на Македонија.
Добитник на „Златен венец“ за 2023 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е македонскиот поет Влада Урошевиќ. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 28 август.
Образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, го прочита во Скопје.
– Името на Влада Урошевиќ – дури и за оние кои не се темелно упатени во неговото долгогодишно и повеќежанровско творештво – е синоним за страстен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и, наспроти сите искушенија на совремието, непоколебливо верен на Словото! Подготвен со леснотија да посегне и творечки да се испроба во најразновидни жанровски облици и експерименти, со речиси рамномерен удел во сите – Урошевиќ остана продуктивен и витален и денес, во своите позни години (кои извонредно луцидно и без видлив напор ги носи). Урошевиќ остана доследен (и не само во нашата литература препознатлив) по креативниот спој на фантастиката и надреализмот, што ги негува во своите многубројни авторски записи, но и неуморните читателски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни области – истакна Шелева.
Во поздравното обраќање, коешто академик Урошевиќ го прочита од говорницата во седиштето на УНЕСКО во Париз, тој го истакна следното: „Во еден безмилосен процес на материјализација и комерцијализација на сите вредности, кој денес се одигрува во светски рамки, поезијата е симната од некогашниот пиедестал на една од највлијателните уметности. Притоа нејзината улога можеби станала помалку видлива, но не помалку значајна. Поетите од целиот свет, како некакво тајно братство, ја продолжуваат својата мисија на одбрана на духовноста. ’Струшките вечери на поезијата‘, со своето долгогодишно плодотворно дејствување, докажуваат дека дејностa на поетите – и покрај сите обиди за поттурнувања на заден план – и натаму има свој значаен удел во основната задача на уметностите – осмислувањето на светот.“
Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2023 година е Гевин Бредли, ирски автор од Белфаст, Северна Ирска, кој живее и работи во Канада. Наградата му се доделува за неговата дебитанска книга „Страв од разделба“.
„Ова трогателно деби на Гевин Бредли го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделба: разделба од партнерот, разделба од претходното чувство за себеси, или разделба од домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас“, стои во образложението за наградата „Мостови на Струга“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)