
Светска банка ги скастри прогнозите за глобален раст
Светска банка ја намали прогнозата за глобалниот раст во 2022 година за речиси цел процент, од 4,1 на 3,2 отсто, поради влијанието на руската инвазија на Украина, изјави претседателот на таа меѓународна финансиска институција Дејвид Малпас.
Препорачано
Месечна програма за кризно финансирање од 170 милијарди долари се планира како одговор на дополнителни економски шокови поради војната, а околу 50 милијарди долари од ова финансирање ќе бидат издвоени во следните три месеци, пренесува Ројтерс.
Претседателот на Светска банка изјави дека новиот извештај за глобалните економски перспективи најмногу ја намали прогнозата за раст за Европа и Централна Азија, дури за 4,1 отсто, вклучувајќи ги Украина, Русија и околните земји.
Прогнозите за економски раст во развиените и многу земји во развој, исто така, се намалени поради растот на цените на храната и енергијата предизвикани од прекини во снабдувањето поврзани со војна.
Се очекува денеска и Меѓународниот монетарен фонд да објави ревидирана прогноза за глобалниот раст.
„Се подготвуваме да продолжиме со одговорот на кризата, со оглед на умножувањето на кризата. Очекувам да разговараме со нашиот одбор во следните неколку недели за нов 15-месечен пакет од околу 170 милијарди долари за одговор на кризата во периодот од април 2022 до јуни 2023 година“, рече Малпас.
Програмата е продолжение на пакетот за финансирање од Светска банка од 160 милијарди долари за време на корона кризата. Малпас истакна дека дел од средствата ќе бидат насочени за поддршка на земјите кои примиле бегалци од Украина, како и за помош за решавање на проблемите во земјите погодени од недостиг на храна.
Тој најави дека земјите-членки на Светска банка и ММФ оваа недела ќе разговараат за нова помош за Украина и дека очекува голем број земји донатори да објават конкретни суми на средства што ќе ги обезбедат.