
„Светот изгуби голем човек“: Познатите личности се простуваат од легендарниот Џорџо Армани
Целиот моден свет жали поради смртта на легендарниот италијански дизајнер Џорџо Армани, кој почина мирно, на 91 година, опкружен со своето семејство, соопшти денеска модната куќа „Армани груп“, објави „Дејли мејл“.
Препорачано
Веста предизвика лавина реакции низ социјалните мрежи – модели, славни личности и модни уметници од целиот свет упатија последни поздрави и зборови на благодарност за човекот кој засекогаш го обележа модерниот италијански стил.
Донатела Версаче објави скршено срце, додавајќи: „Светот изгуби голем човек. Направи историја и ќе остане запаметен засекогаш“.
Внуката на принцезата Дијана, Лејди Амелија Спенсер, остави четири црвени срца.
Актерот Ештон Качер напиша: „Визиониер, добар човек, Џорџо Армани, почивај во мир“.
Тркачот Формула 1, Шарл Леклер, сподели: „Голема чест ми беше што имав можност да те запознаам и да работам со тебе. Ќе ни недостасуваш, Џорџо“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави: „Со својата елеганција, скромност и креативност, му даде сјај на италијанската мода и инспирираше цел свет. Икона, симбол на најдоброто од Италија“.
Меѓу останатите пораки се издвојуваат и зборовите на пејачката Лаура Паузини: „Човек, крал, средба што траеше 30 години и никогаш нема да ја заборавам. Со бескрајна почит и љубов“.
Актерката Миријам Леоне напиша: „Благодарам што ја направи убавината вистинска и што ѝ даде форма на душата. Збогум, кралу Џорџо“.
Во модните кругови Армани беше познат како „Ре Џорџо“, односно Крал Џорџо. До својата смрт остана креативен директор и генерален директор на својата компанија. Секогаш го надгледуваше секој детаљ – од рекламите, до косата на моделите пред излегување на пистата.
Неговите елегантни смокинзи и блескави вечерни тоалети беа неизбежен дел од црвените теписи на најголемите светски настани.
Компанијата „Армани“ годишно остваруваше приходи од околу 2,7 милијарди долари, а целото царство на дизајнерот, кое покрај облека опфаќа и парфеми, козметика, мебел, па дури и чоколади, се проценува на повеќе од 10 милијарди долари.
Армани со години се бореше со здравствени проблеми, а ова лето за првпат во својата кариера изостана од модните ревии на Модната недела во Милано.
Компанијата најави дека во сабота и недела во Милано ќе биде отворена комеморативна сала за граѓаните, а погребот ќе биде во приватен круг.
Во 91 година од животот: Почина италијанскиот дизајнер кој го освои светот на модата, Џорџо Армани