
Судскиот совет нема доволно компјутери и принтери, а државата им крати пари – ребалансот создава главоболки
Се надевам дека судството конечно ќе ја добие својата финансиска самостојност, која сега ја нема и заради што се доведени во прашање и независноста и самостојноста на судството, што е загрижувачко за Европската Комисија и е нотирано и во последниот извештај на ЕК за владеење на правото, рече претседателката Весна Дамева
Скратените 20 милиони денари со ребалансот на државниот буџет, кои беа наменети за капитални инвестиции во судството им создаде главоболки на членовите на Судскиот совет, кои на денешната седница усвоија измени во годишниот план за јавни набавки, со цел да ги набават најнеопходните ресурси за работа, како што се дополнителен дел на системот за ладење во објектот каде работи Судскиот совет и сервисирање на две софтверски апликации за следење на суштествени предмети и за следење на нормата, ефективното време и за оценување на работата на судовите.
Препорачано
Дилеми и дискусија предизвика потребата на Судскиот совет да склучи договор со медиумска компанија за пренесување во живо на седниците на Судскиот совет, откако денеска истече договорот што Советот го склучи со МИА за оваа намена. Според дел од членовите на Советот, во овој момент нема потреба да се распишува јавна набавка за пренесување на седниците, затоа што има други поприоритетни потреби, а транспарентноста на работата на Советот со тоа нема да биде доведена во прашање затоа што седниците секогаш се отворени за медиумите и друга заинтересирана јавност. И покрај овие аргументи, мнозинството одлучи да се распише јавна набавка за избор на медиум што ќе ги пренесува седниците во живо, а сумата предвидена за овој договор е 423.728 денари.
– Со ребалансот на буџетот ни се скратени капиталните инвестиции, а тоа кратење ни предизвикува проблеми. Жално е во 21. век во просториите на Судскиот совет да нема клима-уреди. Непријатно е за вработените кои ги извршуваат работните задачи во помали простории, а летово во јули континуирано имавме седници, а ќе продолжиме со работа и во август. Условите се такви какви што се, мора да работиме – рече претседателката Весна Дамева.
Таа рече дека треба да се распише нова јавна набавка за снимање на седниците во живо, барем за одредено време, додека да се вработи информатичар во Судскиот совет, со чија помош потоа ќе може да се искористат одобрените пари за нов систем во салата, кој освен снимање и емитување во живо, предвидува и табла на која ќе се гледа кој член на Советот како гласал за секоја точка.
– Овие се најнеопходни набавки, иако знам дека немате компјутери, принтери и сл. Понатаму се надевам дека судството конечно ќе ја добие својата финансиска самостојност, која сега ја нема и заради што се доведени во прашање и независноста и самостојноста на судството, што е загрижувачко за Европската Комисија и е нотирано и во последниот извештај на ЕК за владеење на правото – рече Дамева.
Членот на Советот Тања Чачарова-Илиевска истакна дека во овој момент нема потреба да се даваат пари за снимање на седниците, затоа што многу други работи недостасуваат.
– Јас не сум единствен член на Советот што нема компјутер за работа, нема принтер за работа итн. Имаме други потреби. Судскиот совет е единствен во судскиот сектор чии седници се емитуваат во живо. Но, ако во иднина немаме договор за снимање со некој медиум, тоа не значи дека ќе ја намалиме транспарентноста. Сите медиуми и натаму ќе може непречено да ги следат седниците, како што беше и пред да имаме договор со МИА. Нема да се намали транспарентноста, туку ќе за заштедиме од буџетот кој ни е потребен за други работи – рече Чачарова-Илиевска.
Членот на Советот Ивица Николовски, пак, истакна дека пренесувањето на седниците во живо засега е единствениот начин јавноста да види кој член како гласа за одлуките што ги носи Советот.
– На сите нас ни значи оценката на јавноста за нашата работа. Сè додека индивидуално на монитор не може да се види нашиот глас, кој како гласал, овој начин на транспарентност, со емитување во живо, треба да продолжи. Не постои колективна одговорност, а ние не можеме да го видиме индивидуалниот начин на постапување во овој Совет без овој начин на транспарентност. Само вака граѓаните и сите кои имаат интерес или се надлежни да ја следат нашата работа, може да видат кој, како и колку се залага и во кои насоки оди неговиот глас. Ние и во записниците од седниците немаме информации кој како гласал – рече Николовски.
На денешната седница беше одлучено дека на 4 септември ќе се одржат изборите за нов член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението. По објавениот оглас, судијката Џенета Бегтовиќ од Основниот кривичен суд Скопје е единствената пријавена кандидатка.
Судскиот совет утврди и престанок на судиската функција поради старосна пензија на судијките Анита Данилова од Вишиот управен суд и Светлана Попоска од Основниот суд Струга.
Советот одлучи и судијката Виолета Илиевска од Вишиот управен суд да биде назначена за ВД претседателка на овој суд.
Беа избрани и двајца судии поротници за Апелациониот суд Скопје.