
Судијка од Ново Мексико ја отфрли тужбата на Алек Болдвин за злонамерно гонење
Судијка од американската сојузна држава Ново Мексико ја отфрли тужбата за злонамерно гонење што актерот Алек Болдвин ја поднесе против лицата вклучени во покренувањето на кривични обвиненија против него, поврзани со смртта на снимателката Халина Хачинс на снимањето на филмот „’Рѓа“ (Rust) во 2021 година.
Препорачано
Судијката Кејси Фич ја отфрли тужбата во вторникот, поради „недостиг на значајни активности“ во предметот во последните 180 дена.
Во едностраното решение објавено во средата се наведува дека секоја страна има рок од 30 дена да побара повторно отворање на постапката.
Болдвин во јануари поднесе тужба против специјалната обвинителка Кари Мориси, окружната обвинителка Мери Кармак-Олтвис, истражители од шерифовата канцеларија во округот Санта Фе и други јавни функционери, обвинувајќи ги за злонамерна злоупотреба на постапката, клевета и манипулација со докази.
Во тужбата се тврди дека обвинителите и другите учесници во процесот се здружиле со цел да изградат кривичен случај против Болдвин од политички и лични причини, кога тој беше обвинет за убиство од небрежност во врска со смртта на Хачинс.
Адвокатот на Болдвин не одговорил веднаш на барањето за коментар од агенцијата „Ројтерс“.
Граѓанската тужба следеше по отфрлањето на кривичната постапка против Болдвин во јули 2024 година, за време на судење во главниот град на Ново Мексико. Тогаш, судијата пресуди дека специјалната обвинителка и шерифовата канцеларија намерно сокриле докази поврзани со тоа како куршумот што ја уби Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуса завршил во пиштолот.
Нејзината смрт, прва ваква трагедија на холивудски сет во речиси 30 години, ја шокираше филмската индустрија и поттикна повици за промени во безбедносните протоколи за употреба на оружје на снимањата.
Мориси изјави дека обвинителите одамна знаеле дека Болдвин ќе поднесе противтужба.
Халина Хачинс загина кога Болдвин, за време на проба, насочил пиштол кон неа, го затегнал и, според тврдењата на неговите адвокати, можеби испукал, додека го подготвувале кадарот на сетот близу Санта Фе.
Пиштолот, реплика на воен револвер од 1873 година, испукал вистински куршум, кој ненамерно го ставила Хана Гутиерез, задолжена за оружјето на сетот.
Гутиерез во март беше прогласена за виновна за убиство од небрежност и осудена на 18 месеци затвор.
Болдвин, кој е и продуцент на филмот „’Рѓа“, секогаш тврдел дека вистински куршуми не смееле да бидат дозволени на сетот и дека тој не бил одговорен за безбедноста на оружјето.