
Судија ја поништи тужбата на Трамп против „Њујорк тајмс“: Ова не е мегафон за ПР и за митинг
Судијата Стивен Меридеј оцени дека тужбата против „Њујорк тајмс“, која содржи 80 страници, е полна со повторливи тврдења и со пофалби за американскиот претседател Доналд Трамп.
Федерален судија ја отфрли тужбата за клевета, вредна 15 милијарди долари, што американскиот претседател Доналд Трамп ја поднесе против „Њујорк тајмс“ и издавачката куќа „Пингвин рандом хаус“, нарекувајќи ја жалбата „очигледно неправилна и недозволива“, објави „Еј-би-си њуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Судијата на Окружниот суд на САД, Стивен Меридеј, во петокот ја поништи тужбата и им даде на адвокатите на претседателот 28 дена да ја поднесат повторно.
„Тужбата не е мегафон за односи со јавност или говорница за страстен говор на политички митинг, ниту функционален еквивалент на ‘Спикерс Корнер’ во Хајд парк“, напиша Меридеј.
„Оваа тужба ја надминува границата“
Трамп во вторникот ја поднесе тужбата, во која неговите адвокати тврдат дека „Њујорк тајмс“ станал „водечки и непокајнички дистрибутер на лаги“, наведувајќи дека серија статии за Трамп — вклучувајќи извештај дека поранешниот шеф на Кабинетот на Трамп, Џон Кели, го предупредил дека ќе владее како диктатор, напис за создавањето на серијата „Изборот на Доналд Трамп“ (The Apprentice) и извештај за контроверзии околу Трамп — претставуваат клевета.
Во остра одлука на четири страници, судијата Меридеј изјави дека ја отфрла тужбата затоа што таа „недвосмислено и неоправдано“ ги прекршува правилата што ги регулираат граѓанските постапки.
„Тужбата е кратка, јасна, директна изјава на факти доволни за да создадат правно веродостојно барање и да овозможат информиран одговор. Иако адвокатите имаат одредена слобода во формулирањето на тужбите, оваа тужба далеку ја надминува таа граница“, напиша тој.
Со тоа што ја отфрли тужбата поради процесни неправилности, судијата не се изјасни за самата суштина на тврдењата за клевета, но даде рок од 28 дена за повторно поднесување „на професионален и достоинствен начин“.
Тужбата содржи 80 страници со повторувања и пофалби за Трамп
Меридеј, назначен од претседателот Џорџ Х. В. Буш, рече дека тужбата содржи 80 страници повторливи тврдења и пофалби за Трамп, но не успева да ги докаже двете точки на клевета. Тој ги критикуваше адвокатите на Трамп што го натерале да „прелистува низ“ „суперфлуозни“ пофалби за шоуто „Апентис“, за големината на неговата бизнис-империја и за „историската“ победа на Трамп на изборите во 2024 година.
„Дури и да се претпостави дека секое тврдење во тужбата е вистинито… тужбата и понатаму останува недозволиво место за здодевно и оптоварувачко собирање идни докази, за претходно изнесување тенденциозни аргументи или за долга рецитација на правна теорија што наводно го поддржува барањето. Како што секој адвокат знае (или треба да знае), тужбата не е јавна сцена за навреди и омраза — не е заштитена платформа за бес против противник“, напиша судијата.
Трамп смета дека „Њујорк тајмс“ е мегафон на демократската партија
Тужбата, поднесена во Средниот округ на Флорида, ги именуваше „Њујорк тајмс“ и новинарите Питер Бејкер, Рус Буетнер, Сузан Крег и Мајкл Шмит како обвинети. Обвинет беше и „Пингвин Рандом Хаус“, издавачот на книгата на Крег и Буетнер, „Lucky Loser: How Donald Trump Squandered His Father’s Fortune and Created the Illusion of Success“ („Среќниот губитник: Како Доналд Трамп го прокоцка богатството на својот татко и ја создаде илузијата на успех“).
„Денес, ‘Њујорк тајмс’ е целосен мегафон на Демократската партија. Уредничката политика на весникот стана индустриско производство на клевета и омаловажување на политичките противници“, се наведува во тужбата.
Адвокатите на Трамп тврдат дека „Њујорк тајмс“ и „Пингвин Рандом Хаус“ не само што сакале да ја нарушат неговата „тешко стекната и светски позната репутација за бизнис успех,“ туку и да му ја загрозат шансата за победа на изборите во 2024 година.
Реакции
Портпарол на „Њујорк тајмс“ изјави во вторникот дека тужбата нема основа.
„Нема никакви легитимни правни тврдења, туку претставува обид да се заплаши и обесхрабри независното новинарство. ‘Њујорк тајмс’ нема да биде одвратен од такви тактики. Ќе продолжиме да ги следиме фактите без страв или фаворизирање и ќе се залагаме за правото на новинарите, според Првиот амандман, да поставуваат прашања во име на американскиот народ“, рече портпаролот.
„Ова е неоснована тужба“, рече портпарол на „Пингвин рандом хаус“, додавајќи дека издавачката куќа стои зад книгата и нејзините автори и дека ќе продолжи да ги брани вредностите на Првиот амандман, кои се суштински за нивната улога како издавач.
Трамп тужи и други весници
Во јули, Трамп поднесе тужба од 10 милијарди долари против „Волстрит џурнал“, откако весникот објави дека Трамп наводно му пратил непристојно писмо на злогласниот милијардер Џефри Епстин во 2003 година, кое било вклучено во книга за 50-от роденден на Епстин, нешто што Трамп го негира.
Во одговор на таа тужба, портпарол на сопственикот на весникот „Доу Џонс“ изјави:
„Имаме целосна доверба во ригорозноста и точноста на нашето известување и ќе се браниме енергично од секоја тужба“.