
Судењето за родилката Јалдз Веапоска се претвора во една голема агонија
Судењето за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска која што остана без матка, јајник и бубрег на вообичаена интервенција за пораѓање со царски рез се претвора во агонија. Ова за „Слободен печат“ го тврди нејзиното семејство, откако денеска повторно одложено било судското рочиште каде обвинети се гинеколозите Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јованоска. Рочиштето кое што требаше да се одржи денес е одложено, поради тоа што адвокатите на обвинетите доктори барале изземање на судијата. Ова е трети судија што го почнува од почеток процесот, бидејќи двајца се пензионираа претходно а окончување на процесот немаше.
Препорачано
Тоа всушност значи дека допрва повеќе судови ќе треба да одлучуваат дали судечкиот судија ќе се изземе и дали ќе биде третиот судија што нема да го доврши предметот. Адвокатот на Веапоска Сашо Јанев вели дека постапката за одлучување на судовите за барањето за изземање треба да биде што побрза, експресна, за да се избегне застарување на делото.
-Не очекувам друг исход, освен да победиме, бидејќи вистината е една, изјави за „Слободен печат“ Јанев.
Инаку на денешното рочиште, најнапред одбраната на обвинетите барала да биде одложено рочиштето зашто поднеле кривична пријава против вештаците што изготвија супервештачење. Пријавата е затоа што вештаците не работеле во државното туку во приватното здравство. Тоа барање им било одбиено. Потоа барале да биде одложено рочиштето зашто не биле присутни сите тројца вештаци заедно. И тоа им било одбиено. На крајот побарале изземање на судијата.
Тоа го одложува процесот за Јалдз Веапоска на неодредено и го става предметот во опасност од застарување.