
Судење во Мадрид: Повеќе од 80 шпански медиуми против Мета
Повеќе од 80 шпански медиуми бараат околу 550 милиони евра од „Мета“, сопственикот на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, за штета предизвикана од нејзиниот рекламен модел, на долгоочекуваното судење што започна утрово во Мадрид, објави АФП.
Препорачано
Медиумската асоцијација (AМИ), главното здружение на секторот во Шпанија, поднесе тужба во декември 2023 година против „Мета“ во Ирска, каде што американскиот технолошки гигант има свое европско седиште. Бара 551 милион евра за нелојална конкуренција во продажбата на дигитално рекламирање.
Меѓу медиумските групи претставени од АМИ се Приса, сопственик на весникот Ел Паис и спортскиот весник АС, но и Годо (Ла Вангардија, Мундо депортиво…), Унидад Едиторијал (Ел Мундо, Марка) и Воченто, кој го издава конзервативниот весник АБЦ.
Покрај АМИ, тужба против Мета поднесоа и шпанските радио и телевизиски станици по истата основа, барајќи отштета од 160 милиони евра.
Рочиштето започна во 10:00 часот по локално време во трговскиот суд во шпанската престолнина и е предвидено да трае до утре, четврток.
„Она што е во прашање овде е опстанокот на медиумите кои се загрозени од предаторското однесување на платформа како „Мета“, која дејствува без да ја почитува нашата законска рамка“, изјави Ирене Лантако, генерален директор на здружението, за новинарите пред почетокот на судското рочиште.
„Она што го направи Мета беше да создаде масивен профил на однесувањето на сите интернет корисници и, врз основа на овој масивен профил, без да ги информира за тоа или да добие согласност од граѓаните, групата продаваше реклами по сектори, со што оствари огромен профит од нелегален, од регулаторна гледна точка, чин“, инсистираше таа.
АМИ ја обвинува Мета за кршење на европската регулатива за заштита на податоци помеѓу мај 2018 и јули 2023 година, со користење на податоците на интернет корисниците без нивна согласност за креирање персонализирани рекламни профили.
„Ова е неосновано тврдење кое (…) не се темели на никакви докази во врска со наводната штета, а во исто време намерно се игнорира еволуцијата на рекламната индустрија во последните неколку години“, реагираше Мета во порака испратена до агенцијата Франс Прес.
„Мета ги почитува сите важечки закони и обезбеди јасни избори, транспарентни информации и широк спектар на алатки за корисниците да го контролираат своето искуство на нашите услуги“, исто така тврди групата.
Сведоците треба да сведочат денес, а вештачењата, како и заклучоците на страните, ќе бидат презентирани утре, четврток.