Иван Штрпка, поет од Словачка

Струшкиот „Златен венец“ на СВП 2025 ќе го добие словачкиот поет Иван Штрпка

Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ на свечен настан во МАНУ ги објави лауреатите на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ на 64-то издание на најзначајната поетска манифестација кај нас.

Добитник на „Златен венец“ на СВП за 2025 година е словачкиот поет Иван Штрпка. Членовите на Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ едногласно ја донеле одлуката, а ја соопшти Елизабет Барануаи Кукунешоска, претседател на УО на СВП.

– Градот е особено свечен во деновите кога се организираат Струшките вечери на поезијата. Без разлика од каде доаѓаат поетите и на кој јазик зборуваат, нив секој ги разбира зашто зборуваат со јазикот на занесот и љубовта – истакна Елизабет Барануаи Кукунешоска.

Иван Штрпка (8.6.1944) е истакнат словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач. Тој стапува на книжевната сцена на некогашната Чехословачка при крајот на 60-тите години на 20 век, пред политичкиот преврат во 1970 година. Своето поетско патешествие во словачката и европската книжевност Штрпка го почнува групно, заедно со поетите Иван Лаучик и Петер Репка, со нивната легендарна и авангардна група „Осамени тркачи“. Беседа за лауреатот на свечениот настан во МАНУ прочита академик Катица Ќулавкова.

– Уште од самиот почеток, Штрпка покажува интерес за големите теми на современата цивилизација поврзани со моралните, идентитетските и естетските вредности, како и со ангажманот на писателот. Тој негов интерес за човечката егзистенција се изразува во песните на мошне конкретен начин, низ слики од секојдневието, низ фрагменти со коишто ги доловува меѓучовечките односи, односите меѓу мажот и жената, меѓу индивидуата и општеството, меѓу телесното и емоционалното… Неговото пеење е непретенциозно, суптилно, неговите поетски описи и секвенции се полни подробности, секоја песна е мала кутија со подвижни слики, сегментарна, филмска епизода и блага ментална досетка. Оние кои знаат како се практикува медитација од типот на „антер мона“, ќе ја насетат атмосферата на опуштеност и нелепење на субјектот за само една слика, едно чувство. Лирскиот субјект кај Штрпка е подготвен за лизгање, веслање или – како што денес често се вели во колоквијалниот идиом – за скролање од еден до друг стих, од една до друга ментална и јазична слика. Во песните од тој тип преовладува сетилната перцепција обележана со нежност, со нијанси, а не со ригидни, контрастни и контрадикторни сцени, резови, облици и бои – посочи во својата беседа академик Ќулавкова.

Лауреатите на СВП 2025 беа објавени на прес-конференција во МАНУ

Во својата порака со благодарност до Струшките вечери на поезијата, поетот Штрпка истакнува дека е почестен со можноста да влезе во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет кои ја добиле наградата „Златен венец“.

– Почестен сум што можам отворено да се приклучам кон таквото поликултурно поетско наследство, кон постојаното создавање на единствениот сопствен, жив, неповторлив јазик на човечкото битие, кој го задржува исконскиот „баланс меѓу поединецот и општото“ – како што своевремено точно забележа Албер Ками – посочува Штрпка.

Награда „Мостови на Струга“ за младиот полски поет Матеуш Шимчик

Годинава на конкурсот „Мостови на Струга“, што го организираат УНЕСКО и СВП, пристигнале 10 наслови, а Управниот одбор одлучил наградата да му ја додели на Матеуш Шимчик и неговата дебитантска збирка „Потребни се извори“.

Матеуш Шимчик е роден во 1989 година во Вроцлав, Полска, каде што моментално живее. Студирал етнологија и културна антропологија, но попатно имал и двегодишна авантура во Политехниката. Повеќе од една деценија е вклучен во рецензија на ракописи на англиски јазик за неколку полски издавачки куќи.

– Читајќи го неговото првенче, збирката „Потребни се извори“, се добива впечаток дека таа не е родена од чиста желба да се напише книга, туку од длабоката потреба да се постават конкретни прашања чии одговори вреди да се зачуваат во стиховите. Преку нив од индивидуалното искуство може да се извлечат инспирации, потребни извори, со чија помош индивидуата ќе се извлече на површината. Силните страни на оваа збирка се: подготвеноста да се тестираат многу перспективи и аверзијата кон лесни и брзи одговори – образложи Елизабет Барануаи Кукунешоска, претседател на УО на НУМ СВП.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 274, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-31.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот