Отворање на 63. СВП во Струга

Струшки вечери на поезијата 2024: Поезијата треба да владее со светот

Со музичко-поетски перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган на 22 август беше отворено 63. издание на „Струшки вечери на поезијата“, кое на традиционалните локации ќе трае до 26 август.

Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ беше отворена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, владини претставници и љубители на пишаниот збор.

Чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат титуларната песна на „Струшки вечери на поезијата“, Константиновата „Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо.

Поетски говор одржа македонскиот писател Веле Смилевски, кој посебен акцент стави на годинашниот лауреат, добитник на „Златен венец“, Жан Пјер Симеон.

– „Струшките вечери на поезијата“ во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот. Таа мисија ѝ овозможува на поезијата да биде составен дел на животот со улога која, овогодишниот добитник на наградата „Златен венец“, францускиот поет Жан Пјер Симеон, смело ја истакнува во својата песна со наслов „Поезијата треба да владее со светот“. Во својата порака лауреатот вели: „Поезијата е, всушност, одбрана на целото човештво против оние што го поседуваат и владеат со светот. Свет што секојдневно е исполнет со убиства, масакри, деструкции. Свет кој го уништува оној живот за кој поезијата сонува, во својата потрага по идеалната слобода во кој ќе владее љубовта“ – рече Смилевски.

Отворање на 63. СВП во Струга

Манифестацијата официјално ја прогласи за отворена министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека низ годините на фестивалот биле дел од најкултните светски, поетски имиња.

– Слободно можеме да констатираме дека оваа манифестација има глобално значење, почитувана е и верификувана од светската културна јавност. Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, „Струшки вечери на поезијата“ ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме – потенцираше Љутков.

Пред свеченото отворање на манифестацијата, лауреатот Жан Пјер Симеон во пладневниот термин имаше прес-конференција на која истакна: „Јас сметам дека не живееме на правилен начин. Нашите животи ни се земаат од рака и поезијата е на некој начин нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот. Не само да постоиме во некакви улоги, да имаме обврски, ниту, пак, да бидеме робови на општествените барања. Мора да се размислува за животот во општеството низ призма на поет, на слободен начин. Целта е секогаш да се слави апсолутноста на животот. Постојат многу начини на коишто тоа можеме да го направиме. Љубовта е само еден пример, еден од најдобрите примери.“

Жан Пјер Симеон

Во својот поговор претседателката на Управниот одбор на „Струшки вечери на поезијата“, Елизабета Шелева, Жан Пјер Симеон го нарекува комплексна творечка фигура на светската поетска сцена.

– Жан Пјер Симеон е ценет поет, но и автор со широк распон на својот творечки потенцијал, што го прави навистина интригантен и реализиран, во неколку жанровски подрачја. Тој е ценет како поет, признаен и сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на љубовта и убавината – посочува Шелева.

Годинашниот лауреат и добитник на „Златен венец“ традиционално засади и дрво во Паркот на поезијата во Струга.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 244, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.8.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот