
Струјата во модуларната болница ја спроведувале двајца неквалификувани работници од тетовската болница, вели вештакот Шаќири
Денеска во Основниот суд Тетово траеше главната расправа во судскиот процес за обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми како и правното лице ЈЗУ Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, за пожарот во модуларната болница во која животите ги загубија 14 луѓе.
Препорачано
Сослушани беа вештаци кои во текот на истрагата изработиле вештачења.
Според првоовластениот судски вештак по електротехника Ирфан Шаќири, кој пред судот образложи дека по наредба на Јавно Обвинителство извршил вешт наод за можните индиции за појава на пожарот во објектот, целокупната постапка за доведување на електрична енергија од трафостаница до модифицираниот објект наречен модуларна болница бил направен од две неквалификувани лица, вработени во Клиничка болница.
„Високата температура довела до согорување на изолацијата од кабелот и создавање на пламен“, посочи Рубин Бошковски од Министерството за внатрешни работи, кој извршил форензичко испитување.
Според него, при вештиот наод утврдиле дека настанало механичко оштетување на продолжниот кабел на кој бил приклучен дефибрилатор, поради нагмечувања или превиткување.
Тој рече и дека во самата болница немало противпожарни апарати.
Сведочеа и професори од Технолошко-металуршкиот факултет, кои ги испитувале материјалите од кои е составена модуларната болница.
„Материјалите за изработка на префабрикуваниот контејнер ги задоволуваат барањата според спецификацијата на Министерството за здравство и тие се анализирани според процедури за соодветни својства, за што гарантирам“, рече професорката Анита Грозданова.
Одбраната по сослушувањето на вештите лица побара да се сослушаат и вештите лица од Германија кои имаат изработен извештај. Судијата Реџеп Муса оцени дека според насоките на повисокиот Апелациски суд, предлогот на одбраната се одбива.
„Постојат доволно докази за околности на настанот“, посочи судијата.
Поради истекување на работното време, тој ја прекина главната расправа и истата ја закажа за 8 април кога се предвидува да се читаат писмените докази од одбраната.