Концертот ќе се одржи на 8 октомври во Националната опера и балет во Скопје

Стогодишнината од раѓањето на Микис Теодоракис со концерт ќе биде одбележана во Скопје

По повод 100 години од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис, на 8 октомври во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи свечен концерт во организација на „Баги Комуникации“, а во соработка со Амбасадата на Грција во Северна Македонија.

Микис Теодоракис (1925-2021) е еден од најголемите композитори на 20 век. Неговото име е нераскинливо поврзано со музиката за филмот „Гркот Зорба“, која стана светска икона, но и со партитури за „Серпико“ и бројни симфонии, ораториуми и камерни дела. Паралелно со неговото уметничко творештво, Теодоракис остана запаметен и како симбол на демократските идеали, што ја претвори неговата музика во универзален јазик на надеж и достоинство.

– Веруваме дека универзалноста на музиката на Теодоракис е она што и денес ја прави блиска и разбирлива за сите генерации. Таа носи порака што ги надминува границите и културните разлики и ги поврзува луѓето низ емоцијата, уметноста и заедничките вредности – изјавија организаторите на концертот.

На концертот во Скопје ќе настапат реномираните грчки музичари Клеоники Демири (вокал), Акилиас Гуастор (пијано), Лефтерис Гривас (хармоника) и Димитрис Куфогиоргоc (мандолина и бузуки). Демири е позната по своите интерпретации на големите имиња од грчката музика и настапи на бројни сцени во Европа, додека нејзините соработници се искусни инструменталисти со богата концертна кариера, чија изведба се карактеризира со прецизност и автентичен звук.

Заедно, тие ќе претстават избор од најзначајните дела на Теодоракис – од познатите филмски теми до помалку изведуваните композиции што го откриваат целото богатство на неговиот опус. Концертот е културен настан што ја нагласува трајната вредност на уметноста и нејзината способност да обединува, истакнуваат од „Баги Комуникации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот