
Сто пациенти од пожарот во „Пулс“ се лекуваат дома и во странство
Сто пациенти кои се повредени во кочанската дискотека „Пулс“ се на лекување во земјава или во странство, информираше министерот за здравство Арбен Таравари. Од нив, тројца се во критична состојба. Вкупно 20 се лекуваат на клиниките во Македонија, а другите 80 се во странство. Денеска се очекува од странство да се вратат двајца пациенти. За критичните пациенти, Таравари вели дека нивната состојба не е променета.
Препорачано
-Цело време се критични. Бројката на критични пациенти е намалена на тројца. Но тоа не значи дека така ќе продолжи, кај некои пациенти за жал има флуктуација во нивната здравствена состојба, рече министерот.
До крајот на неделата има најави за враќање и на други пациенти. Се работи за полесни пациенти, кои се целосно рехабилитирани.
За потешките пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација, истакна дека има неколку опции „8-ми Септември“ во Ковид центарот, Центарот за рехабилитација во Козле, но има и понуди за подолгорочна рехабилитација надвор од држвата без трошоци од државата.
Во пожарот во дискотеката на диво „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година загинаа 59 претежно млади луѓе, а повредени беа над 190 лица. Со меѓународна помош најтешко повредените беа транспортирани во повеќе европски држави каде им се пружа помош за изгорениците и за вдишувањето токсични материи кои се ослободиле во пожарот.