
Стипендии по 2500 и 3000 денари месечно за талентирани ученици и спортисти во Карпош
За да ги мотивира основците од десетте училишта на своја територија, Општина Карпош и годинава распиша јавен оглас за доделување стипендии за талентирани ученици и спортисти, кои учат во осмо и деветто одделение. Стипендијата е во износ од 2.500 и 3.000 денари месечно, а ќе се исплатува за четири месеци во текот на учебната година.
Препорачано
Заинтересираните кандидати, кои аплицираат за огласот за талентирани ученици, потребно е најдоцна до 15 септември да аплицираат на огласот. За стипендија можат да конкурираат учениците кои се жители на Општината, да се редовни ученици во осмо и деветто одделение во некое од основните училишта на подрачјето на Карпош, да оствариле континуиран одличен успех во текот на школувањето од шестто до осмо, односно деветто одделение од најмалку 4.5 и да имаат одвоено прво, второ или трето место на натпревари.
Учениците пак, кои сакаат да добијат стипендија за талентирани спортисти, освен што треба да се жители на Карпош, треба да приложат и потврда од училиштето дека спортистот е редовен ученик во осмо или деветто одделение во општинските основни училишта од подрачјето на општина Карпош. Спортистот треба да има постигнато индивидуални спортски резултати потврдени од матичните национални спортски федерации. Рокот за поднесување на документите и за оваа стипендија е заклучно со 15 септември.
Од Општината нагласуваат дека документите на кандидатите кои не се комплетни и не се навремено доставени нема да бидат разгледувани. Деталните услови за аплицирање на огласот и потребните документи можат да се видат на официјалната веб страна на Општина Карпош.