
Стихозбирката „Скршен терариум“ на Филипа Сара Попова е гласна книга со остри стихови
Стихозбирката „Скршен терариум“ на младата поетеса Филипа Сара Попова на 18 јуни беше промовирана во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Промотор на книгата беше Јулијана Величковска, уредник во издавачката куќа „ПНВ Публикации“.
Препорачано
– „Скршен терариум“ не е уште една поетска книга што ја слави тишината, иако во неа ќе прочитате „јас одамна сум тишина“ или „јас одамна сум ѝ ветена на тишината“. „Скршен терариум“ е гласна книга исполнета со остри стихови што гребат, сечат, удираат – по стаклото, по кожата, по системот. Со гнев и со пркос, со сарказам и со иронија, песните на Филипа Сара Попова го кршат терариумот во кој сме затворени – телесно, општествено, дигитално. Оваа поезија не нуди утеха, туку од читателот бара ангажираност, преиспитување, промена, кршење на стаклото, иако е провидно, борба за слобода и покрај сознанието дека „никој не е слободен“, ова е поезија што го крие стравот зад рамнодушноста и гласно вели „не“, посочувајќи го гнилото во нас и околу нас, и заклучува: „Сето ова ќе трае, и ќе трае, и ќе трае… / додека не речеш љубов, / додека не речеш солзи, каење, допир / или среден прст“ – истакна Величковска на промоцијата на книгата.
Филипа Сара Попова (1998, Скопје) за оваа стихозбирка ја доби наградата „Млада Струга“ во 2024 година за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, доделена од НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со „Јуроп Хаус“, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.
Нејзини песни се објавени во зборникот „Новите добри времиња“ (Хелсиншки комитет за човекови права Скопје, 2023), „Рукописи 45“, „Рукописи 48“ и „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ („ПНВ Публикации“, 2023), како и во неколку списанија: „Умно“, „Репер“, „Медуза“ и „Култура Бета“.
Освен поезија, пишува проза и нефикциски текстови. Нејзин расказ е застапен и во збирката раскази „Туѓо тело“ („Темплум“, 2024), а нејзини есеи и критики на повеќе електронски медиуми. Учествувала на „Струшки вечери на поезијата“, на Скопскиот поетски фестивал, на „Клинци“ во организација на „Култура Бета“ и на други книжевни читања.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)