Старите станови држат цена, колку тоа да „не држи вода“, за „полнолетен“ стан се бараат 1.600 евра за квадрат

Фото: Влада на РСМ

Како виното: Во скопски Центар, стан изграден пред повеќе од шест децении се нуди за 3.000 евра за квадрат, а речиси две илјади евра се продава стан во истата општина изграден пред четириесетина години

За стан од триесетина квадрати во скопски Центар, изграден пред повеќе од шест децении, се бараат 3.000 евра за квадрат, а речиси две илјади евра се продава стан во истата општина изграден пред четириесетина години. Има и понуда за стан што датира од 1950 година, но цената е можно да се договори, додека за „полнолетен“ стан (стар 18 години) во скопска Кисела Вода, се бараат 1.600 евра за квадрат.

Веб-страниците на агенциите за недвижности се полни со огласи за продажба на станови, а некои се стари и повеќе од една година. Експертите велат дека сосема легитимно право на избор на граѓаните е да бараат и да се држат до цената со која го продаваат својот имот, но за граѓаните што купуваат неразумно е да се изедначуваат цените на квадратот на старите и на новите станови.

Оние што се во потрага по нов дом, се збунети и револтирани од фактот дека за некои станови што се стари од 40 до 60 години, се бараат и до 3.000 евра за квадрат, колку што чини стан во некоја од новоградбите во скопски Центар!

Конечниот збор сепак го има пазарот, велат агентите за недвижности, чии анализи покажуваат дека разликата од почетната и конечната цена при продажбите е од 20 до 25 отсто! Состојбата во која се наоѓа станот што планирате да го купите е важна ставка, предупредуваат експертите, а за комплетно реновирање, цените што се бараат во последниве месеци се доближија до 200 евра за квадрат.

– Точна е перцепцијата на граѓаните дека има обиди за изедначување на цените на квадратот на старите и на новите станови. Секој има право да бара, но факт е дека понудата и побарувачката се основата за регулацијата на пазарот. Нашите анализи покажуваат дека разликата меѓу почетната и крајната цена е од 20 до 25 отсто. Идеалната зделка при купување стан е вселување во релативно стар стан, кој бара минимално средување, оти треба да се има на ум дека цената на реновирањето стаса и до 200 евра за квадрат. Доколку е потребно и минимално реновирање, тоа е дополнителен товар за буџетот што треба да го платите на крајната цена – велат за „Слободен печат“ од една скопска реномирана агенција.

Во Македонија, конкретно во Скопје, цените на становите во првиот квартал годинава се зголемиле за 4,7 отсто на годишно ниво, со пад од 0,8 отсто во однос на претходниот квартал. Ивица Јакимовски од Градежната комора при Сојузот на стопански комори, за „Блумберг Адрија“ пред некое време истакна дека цените на становите годинава нема да растат. Тоа го потврдуваат и агентите за недвижности, кои посочуваат дека почетната цена од 1.100 евра за квадрат за дел од становите во внатрешноста се спуштила на околу 900 евра како крајна.

– Само во тоа сум сигурен, дека нема простор за раст на цените на становите. Дали има простор за намалување, во овој момент не сум сигурен. Имаме стабилни цени на градежни материјали, значи од таа страна немаме проблем. Но, имаме проблем со работната сила. Недостигот на работници создава притисок за раст на платите, што може да биде вистински товар во наредниот период – изјави Јакимовски за „Блумберг Адрија“.

Инаку, даночен обврзник на данокот на промет на недвижности се правните и физички лица што се продавачи на недвижноста. По исклучок, обврзник на данокот на промет на недвижности може да биде правно лице и физичко лице – купувач на недвижноста, доколку во договорот за купопродажба на недвижноста е договорено данокот да го плати купувачот.

Според податоците на Министерството за финансии, даночната стапка е од 2 до 4 отсто, а даночната основа е пазарната вредност на недвижноста утврдена во моментот на настанување на обврската по посебна методологија во согласност со закон. Висината на стапките со одлука ја утврдува советите на општината, а Советот на Градот Скопје одлучува во согласност со Законот за градот Скопје.

„Според член 25 став (1) точка 9) од Законот за даноците на имот, данок на промет на недвижности не се плаќа на првиот промет на станбени згради и станови кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата на кој е пресметан данок на додадена вредност“, објаснуваат од Министерството за финансии.

Според Регистарот на цени и закупнини, лани имало 32.971 трансакции, од кои 23.545 за купопродажби на недвижности, што е за четири отсто помалку од 2022 година. Вредноста на регистрираните купопродажби со недвижности во 2023 година изнесува 910 милиони евра, а март 2023 година бил најплодниот месец за купување стан – 2.464. Според типот на недвижностите, лани биле направени купопродажби на 7.518 стана во вредност од 431 милион евра.

Внимавајте на долговите од претходните газди

Граѓаните што купуваат стари станови треба да отворат „четири очи“ и да проверат дали е чист и без долгови.
– Она што никако не треба да го заборавите е состојбата на станот во однос на платени или неплатени долгови, сметки и други обврски што се одговорност на претходниот сопственик на станот. Не плаќајте туѓи долгови, само затоа што сте заборавиле да побарате потврда за исплатени сметки до моментот на купување на станот – советуваат агентите за недвижности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот