
Старите пејџери се смртно опасни, но и денес спасуваат животи
Електронските уреди за прием на кратки алфанумерички пораки, народски познати како „пејџери“, сѐ уште се произведуваат, се продаваат и се користат низ светот, иако таа технологија уште пред две децении масовно беше напуштена како „застарена“.
Препорачано
Сателитските телефони, мобилните телефонски уреди, а потоа и смартфоните масовно беа прифатени низ целиот свет, поради тоа што нудат многу повеќе услуги од телефонски разговор. Денес тие се користат за пристап до содржини на интернет, за снимање и фотографирање, па и како паричници за електронски трансакции.
Но, има и луѓе за кои пејџерите сѐ уште се незаменливи. Тоа не се само терористи и герилци, како оние од Хезболах, кои користат застарена технологија за да не можат да бидат следени преку сателит или преку мрежата за мобилна телефонија.
Пејџерите и денес спасуваат животи. Тие вообичаено се на појасите на хирурзи, пожарникари и припадници на служби за итно спасување. Нема смартфон ниту каков било друг уред што активира тревога побрзо од треперењето и биперот на пејџерите.
– Мобилниот телефон е моќен како компјутер, но не секогаш луѓето го носат со себе. Пејџерот е мал и едноставен, а го користат луѓе што сакаат поголема приватност, а не да бидат цело време достапни и да мора да одговараат на повици – објаснува Барат Мистри, технички директор во британската компанија за софтверска и кибернетска безбедност „Тренд мајкро“.
Во осумдесеттите години од минатиот век, милиони луѓе користеле пејџери само во САД. Денес пазарот е многу помал, но операторот што ги покрива болниците и здравствените центри има околу 750.000 претплатници. Предноста на пејџерите е и таа што во ист миг може да се испрати една порака до многу корисници.
Докторот Кристофер Пибоди од Општата болница во Сан Франциско раскажува за Асошиетед прес дека лекарите постојано „водат војна“ за да ги отстранат пејџерите што ги чувствуваат како „товар“ на своите појаси, но ниту едно од модерните и софистицирани технолошки уреди не се покажал поефикасен од нив кога има вонредна ситуација.
– Ние водиме крстоносна војна за да се ослободиме од нив, но губиме. Во болницата тестиравме нови системи, но пејџерот победи. Докторите не секогаш одговараа на двонасочните текстуални пораки, но секогаш реагираа на порака на пејџер – вели Пибоди.
Терористите и милитантите, сепак, почнаа да се ослободуваат од застарените уреди, зашто иако не им ја предава локацијата, може буквално да ги убие.
По координираното активирање експлозив поставен во повеќе од 5.000 пејџери во вторникот Хезболах итно им забрани на своите членови да го користат овој електронски уред, а во Либан координирано беа уништени илјадници парчиња, за да не може да бидат активирани како бомби.