
Стари фотографии снимени од семејството Ошавкови ќе бидат изложени во Битола
Изложба на стари фотографии насловена „Битола виа Дебар“ на битолскиот фотограф Зафир Ошавков (Дебар, 1905 – Битола, 1996) ќе биде отворена на 12 декември, во 19 часот, во НУ Завод и Музеј – Мала сала во Битола. Автор на изложбата е Роберт Јанкулоски, универзитетски професор и директор на Македонски центар за фотографија, а истата ќе биде поставена до 31 декември 2024 година.
Препорачано
На изложбата ќе бидат прикажани 30 фотографии снимени помеѓу 1930 и 1945 година, изработени од оригинални негативи (стаклени плочи) и истите се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија.
Битолската фотографска меморија ќе беше посиромашна без фотографиите на Ошавкови, но не само битолската меморија, туку и македонското фотографско наследство. Благодарение на совеста на семејството Ошавкови (нивните наследници) зачувани се голем број фотографски материјали коишто потекнуваат од самиот почеток на 20. век сѐ до седумдесеттите години на истиот. Збирката Ошавкови, којашто се чува во Македонскиот центар за фотографија брои: 9.518 стаклени плочи (негативи), 449 план-филмови и 446 оригинални фотографии. Помал број стаклени плочи и големоформатна студиска фотокамера се чуваат во Кинотеката на Македонија. Покрај оригиналните фотографии и стаклени плочи збирката вклучува и друг фотографски материјал: фотографска литература, документи, писма и фотографска реквизита со чијашто помош имаме целосен увид не само во работата на Ошавкови, туку и во развојот на фотографијата во тоа време – објаснува Роберт Јанкулоски, директор на Македонскиот центар за фотографија.

Семејството Ошавкови потекнува од Дебар, а прв член којшто се занимавал со фотографија е Васил Ошавков, татко на фотографите Зафир и Фердинанд Ошавкови, кои го наследиле неговиот занает.
Кога станува збор за авторството над фотографиите не може со точност да се определи кој од тројцата фотографирал одредена фотографија. Иако во периодот по 1924 година најчесто фотографирал Зафир, бидејќи Васил бил болен, а според кажувањата Фердинанд му помагал на Зафир околу ретуширањето на негативите.