Стано: Косово и Србија нема да напредуваат на патот кон ЕУ доколку не ги спроведат договорите

Петер Стано / Фото: Dursun Aydemir / AFP / Profimedia

Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано изјави дека Косово и Србија не можат да напредуваат на европскиот пат, доколку нема напредок во спроведувањето на минатогодишниот Договор за нормализација на односите, како и сите други постигнати во рамките на дијалог.

„ЕУ жали за ограничениот напредок досега во спроведувањето на договорот, што може целосно да им се припише на двете страни“, изјави Стано за Радио Слободна Европа.

На 27 февруари 2023 година Косово и Србија го прифатија Договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ, која посредува преку дијалог. Потоа, на 18 март 2023 година, двете страни се договорија за Анексот за негова имплементација на терен.

Вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими ја обвини Србија дека одбива да го спроведе Договорот за нормализирање на односите и истакна дека официјален Белград не сака да го потпише.

Иако не беше потпишан, ЕУ соопшти дека договорот е правно обврзувачки, а обврските кои произлегуваат од него станаа составен дел на европскиот пат за Косово и Србија.

Договорот меѓу Косово и Србија, меѓу другото, предвидува взаемно почитување на независноста и територијалниот интегритет, признавање на документи, дипломи, регистарски таблички, како и продлабочување на соработката на полето на економијата, владеењето на правото, здравството и пронаоѓање на исчезнатите лица.

Исто така, Србија се обврза да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации, додека Косово ја прифати обврската да формира Заедница на српски општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот