
Српските пратеници изгласа закон со кој државниот провајдер „Телеком Србија“ ќе може да купува медиуми
Српските пратеници денеска одобрија два контроверзни нацрт-закона за кои групите за слобода на печатот предупредуваат дека ќе овозможат поголема државна контрола врз медиумите.
Препорачано
Ако претседателот Александар Вучиќ го потпише законот тогаш државниот телекомуникациски провајдер „Телеком Србија“ ќе може да купува медиуми, што досега беше забрането.
„За“ нацрт-законот гласаа 144 во вкупно 250 пратеници.
Нацрт-законот за јавни информации и медиуми, како и предложениот закон за електронски медиуми предизвикуваат стравови од државно влијание и притисок од државата, изјави претседателката на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Маја Север.
Противниците на Вучиќ го обвинија дека усвојувањето на законите за медиуми е „обид да се легитимира досегашната незаконска активност, кога станува збор за медиумскиот пазар во Србија“.
Европскиот парламент во мај изрази загриженост за „доминантната пазарна позиција на „Телеком Србија“, каде доминантен сопственик е државата“ и „наводите дека владејачката партија ја користи за да го зголеми своето влијание врз медиумскиот пазар во Србија“.
Од јуни 2022 година до крајот на мај, само Вучиќ „окупираше“ речиси две третини од националното време посветено на политичарите, според локалната невладина организација ЦРТА.
Сепак, Министерството за информации и комуникации во соопштението по гласањето го означи усвојувањето на двата закони „важен чекор кон натамошното подобрување на медиумската сцена во Србија“.
Србија е рангирана на 91. место во индексот на слободата на печатот во светот за 2023 година, објавен од Репортери без граници, додека минатата година беше на 79.