
Српската сливова ракија под лупа на научници
Откако УНЕСКО го прогласи традиционалното производство на ракија за дел од светското нематеријално културно наследство во 2022 година, антрополозите од Филозофскиот факултет во Белград започнаа научни истражувања за семејното производство на ракија од сливи. Теренската работа е фокусирана на околината на Бајина Башта, каде што оваа традиција се пренесува од генерација на генерација.
Препорачано
Еден од локалните производители е Радисав Богдановиќ, кој произведува ракија три децении и е шеста генерација во семејството што ја продолжува оваа традиција- пишува Каматица.
– Сè започна со мојот предок Сава, а јас сум шеста генерација што ја продолжува оваа традиција. Нашата цел беше да создадеме сериозен бренд од тоа семејно знаење. Дури и денес, целиот процес се базира на искуствата на моите предци – објаснува Богдановиќ.
На имотот на Богдановиќ сè уште постојат оригиналните казани и старите котли што некогаш се користеле за дестилација, а овоштарниците се засадени на истите парцели како што биле пред повеќе од еден век.
Професорот Предраг Вујовиќ, основач на проектот, истакнува дека идејата на истражувањето е да се утврди како семејните вредности се пренесувале со текот на времето и како тие преживеале до ден-денес.
– Речиси нема домаќинство во овој регион кое нема своја ракија – рече тој.
Истражувачкиот тим наведува дека ракијата во Србија не е само пијалок, туку дел од идентитетот и културата.
– Ракијата се смета за културен артефакт, нешто што човекот го произведувал за себе, но кое потоа циркулира во заедницата преку разни ритуали, обичаи и секојдневен живот – објаснува Невена Милановиќ Миниќ, истражувачки асистент на Филозофскиот факултет.
Проектот се потпира на современи антрополошки пристапи, а резултатите од истражувањето и придружните експонати ќе бидат презентирани на јавноста следната година на изложба во Етнографскиот музеј.
Малите производители на ракија не може да продаваат во маркетите