
Средношколците од МИГ излегуваат на протест: Новите професори се избрани без критериуми, старите одбиени
И покрај ветувањето од двете министерства МОН и Финансии дека брзо ќе се реши проблемот со продолжувањето на договорите на стручните професори од Математичко – информатичката Гимназија, овие средношколци сега добија нови професори и го проблематизираат нивниот избор.
Препорачано
-Проблемот навидум ќе се решеше со распишување на огласот за професори и вработување на стручни лица од соодветните области. За жал решението остана навистина навидум. Иако на конкурсот аплицираа стручни професори кои имаат завршено докторски студии од соодветните области, што е критериум посочен во законот за Математичко-информатичка гимназија, без никакво образложение од страна на директорката тие професори беа одбиени на јавниот оглас за наставен кадар во училиштето. Дел од тие професори веќе предавале во МИГ и ја докажале својата стручност, сега се заменети со нови професори, кои, колку што знаеме некои од нив не ги исполнуваат критериумите за професор во МИГ, реагираат учениците од МИГ во писмото испратено до „Слободен печат“.
Тие нагласуваат дека направениот избор на професори е загрижувачки, а критериумот по кој се водела комисијата нетранспарентен и недостапен за нив.
-Се информиравме, ги знаеме условите за вработување кои важат на конкурсот за вработување, како и степенот на едукација кој го поседуваат некои од кандидатите кои беа одбиени. Нешто не се совпаѓа! Одговори од директорката не добиваме. Решени сме да одиме докрај и да го добиеме образованието кое ни беше ветено на почетокот. За таа цел (дел од учениците) ја бојкотираме наставата веќе втор ден, а би сакале да зборуваме јавно, како и ние, така и некои од кандидатите кои се без објаснување зошто беа одбиени, реагираат учениците.
Тие попладнево во 12.30 часот ќе излезат на протест пред Гимназијата додека внатре се одржива Совет на родители на кој е поканета и директорката на МИГ.