Средба со Војо Љ. Цветановски: Се инспирирам од ништото што го гледам околу мене

На јавноста ѝ е познат како пантомимичар, но и како писател, режисер, колумнист. Најпознатиот уличен артист кај нас, Војо Љ. Цветановски, во разговор за „Културен печат“ вели дека сонува за денот во кој ќе се загуби меѓу мноштвото улични живи статуи – артисти, и ќе ги гледа околу себе во изобилие, а посебно во Македонија. За себе вели дека најголемата инспирација му е соработката со различни типови на луѓе.

„Веќе не сум истиот“ е романот каде Цветановски нагласува дека соработката со различни видови улични артисти го менува идентитетот. Сепак, смета дека посоодветна дефиниција од „губење на идентитетот“ е „процес во кој еден човек слепо и во надеж ја следи сопствената мисла, чувство, па и различноста во себе, од ден во ден, од час во час, од минута во минута… и животната, а и онаа, во професијата“.

– На крајот од денот сите ние, без разлика која работа и да ја работиме, сме неколку луѓе во текот на едно деноноќие сместени во едно тело. Што, понатаму индицира и дека не е така лошо постојано да си во потрага по сопствениот идентитет, кого, кој да знае дали некогаш и ќе го откриеме? Тоа е вечната неразрешена загатка која артистот, па и човекот, на крајот од краиштата, го „мачи“: Кој навистина сум јас? – загатнува Цветановски.

Како пантомимичар и улична жива статуа, тој е во потрага по вистинската формула за да ги сведе нештата на минимализам, што е суштината на изразот во неговата уметност, бидејќи му помага да ја согледа пошироката слика.

– Убеден сум дека сум на вистинскиот пат во таа потрага и опуштен сум заради тоа. Има време, никаде не се брзам, а и не го барам безглаво решението. Како и за многу други работи во мојата работа – оставам тоа мене да ме најде или, пак, да се сретнеме некаде недоговорени. Ќе се сретнеме, знам. Затоа што не се бараме безглаво. На крајот од краиштата, најубаво ми е кога се изненадувам самиот себе. Од себе – вели Цветановски.

Романот „Веќе не сум истиот“ не е напишан набрзина. Напротив, чека на своето раѓање, проодување и созревање во текот на седум години, што авторот ги минува низ светот „посетувајќи најразлични места, фестивали, осознавајќи нови естетики, запознавајќи нови луѓе и мигови“.

– После седум години, едно неочекувано попладне, си реков – готово(!) сега седнувам и завршувам со него. Мислам дека доволно созреавме и двајцата во целиот овој процес на негово создавање. После сѐ, седнав, го прочитав со ладна глава, колку што е тоа возможно, и успеав да се убедам дека е завршен, дека оттука па натаму треба да продолжи сам по патот. Првата станица на која застанав да го оставам да продолжи сам понатаму беше именувана како „Пегаз“. Го оставив таму и му реков: „Отсега, самиот ќе треба да им се покажуваш на останатите, а за сѐ друго ќе раскажува историјата, и, не, не грижи се, јас секогаш ќе сум тука за тебе, доколку нешто ти затреба. Никаде не одам“. Ми се налути дека го оставам сам и си замина. И така, на 13.09.2021 во Скопје на Саемот на книгата во издаваштво на „Арс Либрис“, се роди „Веќе не сум истиот“. Лут на мене – раскажа Цветановски.

За крај, го прашавме што најмногу го инспирира или провоцира за да ги стави мислите на хартија.

– Пред некој ден ми се јави еден пријател додека незадолжително со саати вртев со велосипедот низ градов и гледав работи кои за нечие голо око се невидливи. Ме праша, што правиш? Ништо особено. Се инспирирам од ништото што го гледам околу мене, му одговорив. Ах, ти, ми рече, и двајцата се изнасмеавме гласно – вели Цветановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!