д-р Милка Трајкова, истражувач кој ги спојува танцот и технологијата

Средба со д-р Милка Трајкова: Танцот беше со мене низ секоја фаза од мојот живот

Младата истражувачка д-р Милка Трајкова успеа да ги спои својата страст кон танцувањето и својата професионална определба во областа на вештачката интелигенција, а нејзин иновативен проект беше презентиран на „Танц фест Скопје“.

Уметничката инсталација на д-р Милка Трајкова од Институтот за технологија Џорџија, САД, „LuminAI: танц и вештачка интелигенција“ е иновативен проект што овозможува интерактивна импровизација меѓу човекот и вештачката интелигенција преку танц. Учесникот танцува пред екран, додека виртуелниот партнер – воден од AI – ги следи, анализира и им одговара на движењата со свои импровизирани гестови. Проектот ја истражува креативната соработка меѓу телото и алгоритамот, отворајќи нови можности за уметничка експресија и перформанс во дигиталната ера.

На „Танц фест Скопје“ беше претставен Вашиот проект „LuminAI: танц и вештачка интелигенција“. Кој е основниот опис на проектот и која е Вашата улога во неговата креација?

– Програмата „LuminAI“ е холографски партнер на танчарот во реално време. Во неа има вградено вештачка интелигенција која го импровизира движењето на танчарот. Јас сум водечки истражувач на проектот, го координирам тимот, дизајнирам и спроведувам студии за корисници. Истовремено развивам нови методологии, координирам анализи, публикувам трудови и поставувам идни истражувачки насоки.

Станува збор за високотехнолошки проект. Колку луѓе беа вклучени во креацијата и каква технологија се употребува?

– Ова е 12-годишен проект што го реализирале многумина низ годините. Нашиот интердисциплинарен тим се состои од директорот на Лабораторијата за експресивни машини во рамките на Технолошкиот институт во Џорџија (позната по кратенката GaTech) – професор д-р Брајан Магерко, д-р Манош Дешпанде, Јасмин Каур, Касандра Монден и нашата соработничка на Државниот универзитет Кенесо – професорката по танц Андреа Ноултон.

„LuminAI“ користи комбинација од симболична вештачка интелигенција (когнитивната архитектура Soar), субсимболична вештачка интелигенција (густа невронска мрежа со слоеви LSTM и CNN) и веројатносна машина за состојби со цел да анализира, да проценува и да имитира човечки танцови движења во реално време. Со помош на Azure Kinect, „LuminAI“ ги детектира движењата на танчарот во 3D, ја обработува интеракцијата во „Unity“ и го проектира танчарот на екран „Hologauze“ со помош на вештачка интелигенција. Тоа создава партнерско чувство помеѓу човекот и вештачката интелигенција.

„LuminAI“ покажува дека вештачката интелигенција може да се движи, да реагира, па дури и да танцува со луѓе

Со каква намена беше иницирано реализирањето на проектот?

– Вообичаено вештачката интелигенција се смета за одвоена од телото – обработува текст, генерира слики или анализира податоци. „LuminAI“ ја надополнува оваа идеја, покажувајќи дека вештачката интелигенција може да се движи, да реагира, па дури и да танцува со луѓе. Таа ја истражува границата помеѓу човекот и машината, туркајќи ја вештачката интелигенција надвор од екранот во интеракција во реалниот свет. Наместо само да копира движење, таа импровизира, нудејќи изненадувања што се оттргнуваат од традиционалната кореографија.

Во својата суштина, „LuminAI“ прашува: Може ли вештачката интелигенција да импровизира со нас? Во исто време, креативноста во танцот е комплексна, испреплетена со околината, перцепцијата на танчарот и надворешните технологии. Претходните истражувања ги истакнуваат предизвиците со кои се соочуваат танчарите додека импровизираат: потребата за оригиналност, што потенцијално предизвикува вознемиреност при изведбата и самоцензура, и вообичаеното повторување на одредени движења, што може да ја ограничи импровизацијата. „LuminAI“ не само што го повторува она што го гледа; таа се ангажира со танчарите за да создаде нешто ново.

Исто така, бевме заинтересирани за тоа како вештачката интелигенција може да влијае врз работата на танчарите и на наставниците, каде што, според нашите сознанија, бевме први што имплементиравме алатка за вештачка интелигенција на час по танц во лонгитудинална студија. Истовремено ние бевме прва колаборативна импровизирана танцова претстава во светот помеѓу луѓе и вештачка интелигенција. „LuminAI“ ја редефинира вештачката интелигенција како креативен партнер, менувајќи го начинот на кој размислуваме за движењето, соработката и улогата на вештачката интелигенција во импровизацијата.

Од каде потекнува Вашата љубов кон танцовата уметност?

– Мојата љубов кон танцот произлегува од животна врска што почна на шест години со мојата прва инструкторка по балет, македонската примабалерина Натка Пенушлиска. Танцот беше со мене низ секоја фаза од мојот живот – од обуката кај д-р Снежана Филиповска, преку настапувањето во Македонската опера и балет, па сè до студирањето во САД, каде што за првпат ги комбинирав моите страсти за танцот и технологијата.

Она што најмногу ме мотивира е желбата да ѝ вратам на уметноста, да им помогнам на танчарите подобро да ги разберат своите тела и техниката, да ги намалат повредите и да ги оспособам и учениците и наставниците преку алатки засновани на податоци да ја подобрат обуката. Со тоа се продолжува радоста и задоволството од танцувањето што е можно подолго.

Потекнувате од Македонија, а веќе 25 години живеете и работите во САД. Како се одвиваше Вашата едукација во САД и на какви проекти работите на Институтот за технологија во Џорџија?

– Имам голема среќа што моите родители ми пружија поддршка и можност да се движам помеѓу САД и Македонија. Дипломирав Информациски системи и менаџмент на Универзитетот на Југоисточна Европа во Македонија, а подоцна докторирав по интеракција човек-компјутер на Универзитетот Индијана. Тоа ме доведе до мојата сегашна улога како истражувачки научник на Технолошкиот институт во Џорџија.

Таму имам привилегија да работам на различни проекти – од поттикнување писменост во вештачка интелигенција кај ученици од средно училиште до дизајнирање системи засновани на вештачка интелигенција за оценување и учење балет, како и на дизајнирање адаптирани системи за процена на танго со користење транскутана стимулација на вагусниот нерв за Паркинсоновата болест.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 280, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот