
Србија: Државни субвенции од 5.000 евра за електрична „Панда“ склопена во Крагуевац
Купувачите на електрични автомобил „Фиат Гранде Панда“, чие производство по лиценца наскоро ќе започне во српскиот град Крагуевац, ќе можат да добијат државна помош од 5.000 евра.
Препорачано
„Граѓаните ќе можат да почнат да поднесуваат барања на почетокот на февруари, а самите апликации ќе може да се поднесуваат до 31 октомври“, изјави за РТС државниот секретар во Министерството за заштита на животната средина Сандра Докиќ.
Сериското производство на електричниот автомобил, според најавите, ќе започне во третата недела од овој месец. Почетната цена на целосно електричната верзија на моделот е помалку од 25.000 евра. Основниот електричен модел, според некои специјализирани автомобилски медиуми од Србија, ќе чини околу 18.000 евра.
Владата одлучи повеќе да не субвенционира купување на хибридни возила и плагин хибридни возила, на предлог на Министерството за заштита на животната средина.
„Како министерство, секогаш гледаме кои возила имаат најдобро влијание врз квалитетот на воздухот. Тоа се токму електричните возила. Кога почнавме во 2020 година, немаше толку многу инфраструктура за овие возила. Таа многу се разви во последните 4-5 години, особено минатата година“, додаде Докиќ.
Компанијата-сопственичка на италијански „Фиат“, „Стелантис“ е мнозински сопственик и на фабриката за автомобили во Крагуевац, додека малцинскиот удел е во сопственост на државата Србија, врз основа на договорот за стратешко партнерство склучен меѓу двете страни во 2008 година.