Хотелот во Лагадин се гради девет години / Фото: ТВ24 / скриншот

Спорниот хотел во Лагадин се доградува и шири – сопственикот сака да ја присвои и плажата, реагираат загрижени жители

Се подготвува нова узурпација на охридското крајбрежје, обвинуваат група жители на туристичката населба во отворено писмо

„По спорниот хотел во Лагадин, сопственикот сака да го узурпира и просторот на плажата“ – пишуваат загрижени жители на населбата во отворено писмо адресирано до медумите и институциите. Заедно со здружението на граѓани за заштита на Лагадин, тие бараат итен инспекциски надзор за да се спречи, како што велат, ново узурпирање на охридското крајбрежје и дополнителни штети врз заштитеното наследство.

„И покрај спорната постапка околу пренос на сопственоста и спорната градежна документација, инвеститорот во меѓувреме нелегално дигна уште еден, петти кат, догради дополнителни простории и нелегални тераси свртени кон населбата, а годинава пред почетокот на сезоната го узурпираше и влезот во населбата Лагадин со стеснување на влезната улица од регионалниот пат Охрид-Свети Наум со узурпација на две државни парцели.Тоа дополнително ја загрозува безбедноста на жителите и гостите не само во населбата, туку и на поширокото подрачје на охридското крајбрежје. Стравуваме дека од урбанистички аспект објектот воопшто ги исполнува сите услови за хотел“, велат загрижените граѓани во писмото.

Во изјава за телевизијата „24“, сопственикот на хотелот, Никола Толески, ги демантира тврдењата на жителите и вели дека не може да приграби нешто што не е во негова сопственост, а хотелот ја поседувал целата документација која ја потврдувала неговата легалност.

„Објектот е изграден по сите прописи и услови и нема никакви остапувања. Што се однесува до наводите за заземање на плажата, тоа се невистинити обвинувања. Таква инцијатива нема, ниту имаме планови да правиме нешто слично. Петтиот кат што го наведуваат е всушност соларен систем. Здружението на граѓани Лагадин би било многу поефикасно ако се фокусира на другите објекти во населбата и на наводните нелегални градби – меѓу кои и нивните, наместо да го таргетираат хотелот“, вели Толески.

Од Општина Охрид велат дека засега немаат забележано узурпација на брегот на Охридското Езеро, но и дека нема да дозволат нешто такво да се случи.

Хотелот во Лагадин, за кој своевремено властите соопштија дека со изградбата прекршил 12 законски прописи, ја бранува јавноста уште од 2016 година. Жителите на населбата излегуваа и на протести, а институциите на локално и на централно ниво си ги префрлаа надлежностите за негово стопирање или уривање. Постоењето на бесправно изградениот хотел се најде и во извештаите на УНЕСКО, институцијата задолжена за заштитниот статус на Охрид и околината. Зградата сега е во последната фаза на изградба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот