Крема за заштита од сонце / Фото: Pexels

Според дерматолозите: Колку долго навистина ве штити кремата за сончање?

Почна сезоната на сончање, а тоа значи дека ако не се намачкате со крема за сончање, може сериозно да ги оштетите ДНК-клетките на вашата кожа, што со текот на времето може да доведе до појава на опасен облик на рак.

Меланомот, еден од најсмртоносните облици на рак на кожа, годишно одзема повеќе од 10.000 животи во Соединетите Американски Држави, според Фондацијата за рак на кожа. Овој вид рак најчесто е предизвикан од ултравиолетово зрачење, без разлика дали доаѓа од природна сончева светлина или од апарати за вештачко сончање. Честото изложување може да доведе до појава на канцерогени младежи, кои ако не се откријат навреме, можат да се прошират и да станат тешко излечиви, па дури и фатални. Затоа е важно да се заштитите со крема за сончање секогаш кога сте на отворено, особено во летните месеци кога сонцето е најсилно, а индексот на ултравиолетово зрачење е висок.

Новинарите на „Саенс алерт“ разговараа со двајца експерти за кожа за да објаснат колку трае заштитата од кремата и како правилно се нанесува.

„Кога велиме дека треба да се нанесува на секои два часа, тоа се заснова на начинот на кој се тестира заштитниот фактор“, вели доктор Џон Зампела, дерматолог од Универзитетот во Њујорк.

Тој објаснува дека бројките на заштитниот фактор покажуваат колку време кремата обезбедува ефикасна заштита и тоа важи за период од околу два часа. На пример, ако во 10 часот наутро нанесете крема со фактор 50, до пладне ќе имате намалена заштита.

„Можеби сѐ уште има некакво дејство, но тоа веќе не е фактор 50, туку можеби само 10“, вели доктор Зампела.

Американската академија за дерматологија препорачува да се користи крема со заштитен фактор од најмалку 30. Токму таков фактор користи и доктор Дејвид Лефел, автор на книгата „Целосна нега на кожа“ и раководител на дерматолошка хирургија на Универзитетот Јејл. Факторот 30 блокира околу 96 отсто од штетните ултравиолетови зраци што предизвикуваат изгореници, било да сте на плажа, на планина или во град. Луѓето со чувствителна кожа или светол тен можат да користат фактор 50, но повисоки фактори од тоа нудат само минимално зголемена заштита, нагласува доктор Лефел.

Особено важно е да не се заборават делови како што се: врвовите на ушите, челото, образите и носот бидејќи се најизложени и најчесто први изгоруваат. Доктор Зампела вели дека секогаш носи крема во торбата.

„Ја нанесувам ли навистина на секои два часа? Искрено, не“, вели тој.

Но затоа, кога е цел ден на отворено, на пример на плажа, се труди да ја нанесува почесто. Според доктор Лефел, нанесувањето крема треба да стане дел од вашето утринско подготвување, исто како миењето заби.

„Ако го направите тоа навика, ќе престане да ви изгледа како обврска и нема да го заборавате“, објаснува тој.

Зампела се согласува. Вели дека секојдневната употреба носи долгорочни придобивки и во спречување на рак на кожа, и во одложување на процесот на стареење. Доктор Лефел советува жените посебно да го заштитуваат делот од деколтето, бидејќи таму кожата е тенка, а изгорениците се потешко козметички да се санираат. Кај мажите, особено оние со поретка коса или ќелави делови, се препорачува мачкање на темето, вратот и носење капа бидејќи токму таму најчесто се појавуваат промени на кожа.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Цветковиќ: Никој не се раѓа со меланом, туку со ризична бенка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот