Советот на Европа: „Златните визи“ во Кипар се користат за перење пари

Помеѓу 2013 и 2018 година, програмата за добивање на државјанство привлече инвестиции во вредност од 6,64 милијарди евра

Комитетот при Советот на Европа, кој што се бори против перење пари, предупреди дека мистериозната инвестициска програма за кипарските пасоши, позната како „златни визи“, е ранлива при перењето пари и претставува ризик, објави „Ројтерс“.

Медитеранскиот остров започна програма за инвестициски пасош во 2013 година и од тогаш повеќе од 3.000 луѓе добија државјанство преку оваа постапка.

Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перењето пари и финансирањето на тероризам (MONEYVAL) објави во извештај дека додека Кипар презема чекори за ублажување на клучните ризици за перење пари, ризикот од ранливости во инвестициската програма е зголемен „експоненцијално“ преку недвижнините имоти, кои се претпочитана инвестиција.

– Овие ризици не се соодветно намалени. Ризиците поврзани со Кипарската инвестициска програма не се детално оценети, се вели во извештајот.

Иако нејзините автори не одат детално, многу е познато дека недвижностите се користат за перење пари како стабилна инвестиција која може да донесе поголем поврат со текот на времето и обично е подложена на поограничена контрола, покажува студијата спроведена од Европскиот парламент во 2019 година.

Според програмата, инвестиција од најмалку 2 милиони евра (2,18 милиони американски долари) може да донесе пасош и моментално патување без визи во Европската унија во која членува Кипар.

Следењето на секторот недвижнини треба значително да се зајакне, според извештајот „MONEYVAL“. Авторите додаваат дека се потребни повеќе превентивни мерки од страна на агентите за недвижности.

Иако Кипар поддржува други земји, таа не е „многу проактивна“ во замрзнувањето и конфискацијата на приходите од криминална активност на странците, забележуваат авторите на извештајот.

Прегледот беше спроведен во мај. Врз основа на резултатите од евалуацијата, „MONEYVAL“ одлучи да покрене засилена постапка за следење и го покани Кипар повторно да се пријави во 2021 година.

Вкупната инвестиција во рамките на програмата достигна 6,64 милијарди евра меѓу 2013 и 2018 година, забележува „MONEYVAL“ во својот извештај, додавајќи дека тоа е значителна сума за кипарската економија.

Во ноември 2019 година, островската земја објави дека ќе ги разгледа процесите за државјанство, откако „Ројтерс“ објави дека граѓани на Камбоџа од блиското опкружување на долгогодишниот лидер Хун Сен ги добиле своите пасоши.

Властите во Кипар објавија дека се воведени дополнителни заштитни мерки во рамките на програмата по нејзиниот почеток за да се спречи злоупотребата.

Тие исто така информираа дека започнале процес на одземање на пасошите на 26 лица. Сепак, кипарските пратеници на 10 февруари изјавија за „Ројтерс“ дека процесот е запрен поради правни проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот