
Социјалните мрежи не знаат за црвени линии во ширењето на говорот на омраза и пропаганди
По протестот во организација на Македонската православна црква со поддршка од останатите верски заедници, против законите за родова еднаквост и матична евиденција но и претходно одржаната Парада на гордоста и барањата на ЛГБТ+ луѓето за изедначување на нивните човекови права со останатите граѓани, социјалните мрежи и медиумите беа преплавени со говор на омраза и лажни вести, што, според упатените, провоцира насилство и уште повеќе ја продлабочува поделбата меѓу граѓаните по сите основи.
Препорачано
Ваквиот феномен во државата но и во регионот, не е нов но овој пат е крајно загрижувачки и дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, деновиве добива на интензитет по заканувачките пораки, со повик за насилство кон државни функционери, политичари, новинари, па до анонимни закани по живот како евидентни примери што се забележуваат меѓу корисниците на социјалните мрежи.

Невозможно е да нема објава на социјалните мрежи, особено доколку веста е поврзана со темата родова еднаквост, а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, за „предавниците“ или за „патриотите“, „педери“ и „лезбејки“, а притоа не изоставаат ниту навредите и говорот на омраза. Меѓу широкиот спектар од вакви примери на социјалните мрежи се и повици за линч на претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, преку пораката „ловот започна, ќе ве ловиме докрај, изроди“, но и редица други.
Иако сите овие постапки можат да се сметаат за казниви дела, за кои е предвидено и до неколку години затвор според Кривичниот законик на Македонија, прашањето е како да се искорени ваквиот говор на омраза и да се спречи поттикнување на насилството во која било форма, но истовремено и да се пронајдат оние што се одговорни, кои го практикуваат тоа, и против сторителите да се преземаат соодветни мерки.
Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска на оваа тема за „Слободен печат“ коментира дека општеството генерално гледа со страв на сите новитети па и оние кои се презентираа во јавноста од луѓето од ЛГБТ+ заедницата а се поврзани со родовата еднаквост и човековите права. Како што вели таа проблемот е во транспарентноста на предлагачот на законот а тоа е Министерството за труд и социјала кое според Кафеџиска ја носи одговорноста зошто претходно во јавноста не беше отворена дебата за тоа што точно значи овој закон за граѓаните.

-Се искористи вакуумот од недостаток на информации во јавноста каде што едните и другите со своите објаснувања за законот ги вовлекоа граѓаните во маѓепсаниот круг на говорот на омраза, дезинформациите и пропагандите. Проблемот во конкретниот случај е предлагачот на законот а тоа е Министерството за труд и социјална политика, што направи грешка што не го стави на јавна дебата Предлог-законот за родова еднаквост. Сега практично не знаеме што всушност значи законот читајќи ги објаснувањата од ЛГБТ+ заедницата и обратно од Црквата – вели Кафеџиска.
Професорката по комуникологија додава дека во овој момент на краток период не е возможно да се најде решение за овој општествен проблем кој според неа е сериозен и сега по последните протести на Црквата и ЛГБТ+ заедницата кулминираше како никогаш досега.
-Црквата морам да истакнам дека направи исчекор од нејзина страна и се обиде да објасни што значи полова еднаквост. Дека тоа е застрашувачки особено кај малолетниците во повеќе развиени земји од нашата. Но, нивните протести беа искористени и во друга конотација да се пренесе на јавноста дека се загрозени правата на жените односно дека жената се сведува на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот што исто така не е точно. Слично тоа беше сторено и од страна на ЛГБТ+ активистите кои на нивните собири се упатуваше пораки со говор на омраза кон верските заедници. Заклучок е дека говорот на омраза на интернет, односно на социјалните мрежи, е елемент поврзан со случувањата од терен и тој тешко се санкционира за жал – заклучува Кафеџиска.
Во исто време универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев на неколку пати досега во изјава за домашните медиуми посочува дека ширењето расистички и ксенофобичен материјал заедно со повик за насилство по пат на компјутерски систем е прецизно пропишано во Кривичниот законик, во членот 394 г. Според него, казната за ваквите повици на насилство, доколку дојде до потешки облици на прекршување на законот, може да биде и до десет години затвор.
– Во Кривичниот законик прецизно се опишува дека доколку во јавноста преку Интернет се шири расистички ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија што помага или поттикнува омраза, дискриминација или насилство против лице или група врз основа на национално или етничко потекло или слично, се казнува со затвор од една до пет години – вели Калајџиев во изјава за домашните медиуми на оваа тема.
Жарко Трајаноски, од Институтот за медиуми и аналитика ИМА говорејќи на панел дискусија за медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост упати повик до јавниот обвинител да реагира во врска со говорот на омраза врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација.

„Треба да се потсети обвинителството дека треба да реагира на овие што сега шират говор на омраза врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација, затоа што истите основи стојат и во Законот за јавно обвинителство.“
Според Трајаноски, „овој феномен на дезинформации засновани на род и сексуална ориентација станува глобален проблем“, а и безбедносен проблем, кој треба да биде адресиран не само од медиумите, туку и од надлежните институции:
„Не само што медиумите се должни да се придржуваат на своите обврски, да не шират говор на омраза, да се борат против говорот на омраза, и да не шират дезинформации и да спречуваат дезинформации, туку и институциите на системот треба да спречат создавање на безбедносни проблеми и натамошна поларизација во општеството – истакна Трајановски.
Нема точна дефиниција за говорот на омраза
Во Македонија од 2014 година ширењето говор на омраза е кривично дело. Познавачите велат дека има простор за подобрување на законските одредби, особено поради тоа што практиката покажува дека одредбите се неприменливи, бидејќи недостига концизен член што ќе ја даде дефиницијата на говорот на омраза со што ќе се олесни постапувањето на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи околу неговото препознавање. Освен Јавното обвинителство, механизми за заштита од говор на омраза се Министерството за внатрешни работи, Комисијата за заштита од дискриминација, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија.
„Црвено копче“ Он-лајн апликација на МВР за пријавување на говор на омраза
Инаку, за поздравување е што Министерството за внатрешни работи во функција на полесно детектирање и справување со овие асоцијални и антисоцијални појави има воведено и апликација на својата интернет-страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации од оваа област. Апликацијата може да се најде на официјалниот сајт на МВР и е насловена „Црвено копче“.
Како што се наведува во објаснувањето за апликацијата, таа е наменета за пријавување какви било сознанија или информации од областа на злоупотреба на деца, криминал од омраза и повикување на насилство.