
Собраниската Законодавно-правна комисија ќе го разгледа Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик
Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик денеска ќе биде разгледан во собраниската Законодавно-правната комисија. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
Препорачано
Минатата недела законот ја доби поддршката од матичната Комисија за култура, а министерката Бисера Костадиновска Стојчевска на седницата појасни дека со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Како што рече таа, ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат, како општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
-Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, рече министерката.
Покрај Законодавно правната комисија, во Собранието денеска ќе заседаваат и комисиите за политички систем и односи меѓу заедницитe и за прашања на изборите и именувањата.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедницитe се две точки – Предлог на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот државните награди, двата прво читање.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да расправаат по Одлуката за објавување јавен оглас за именување на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, како и за избор на членови на Советот на јавни обвинители.