Собранието стокмено, Мицкоски го чека мандатот до 8 јуни

Африм Гаши со ВМРО-ДПМНЕ / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

 Африм Гаши како претседател на Собранието ќе ја извести шефицата на државата дека е конституиран парламентот, претседателката меѓу 5 и 8 јуни ќе му го додели мандатот на Мицкоски за формирање влада и се очекува до 20 јуни Македонија да добие нова влада.

Африм Гаши од коалицијата „Вреди“ со 76 гласови „за“ беше избран за нов претседател на македонското Собрание, со што се отвори патот претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова да му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за формирање на новата влада. Против изборот на Гаши гласаа пратениците од Левица додека пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ не беа во салата. Новоизбраниот спикер заклетвата ја прочита прво на албански, а потоа на македонски јазик.

/ Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

Собранието претходно ги верификуваше мандатите на 118 пратеници, но Европскиот фронт предводен од ДУИ не гласаше ниту за дневниот ред на седницата, ниту за верификацијата на пратеничките мандати. Поради прегласувањето, пак, мандатите на уште двајца пратеници ќе бидат дополнително верифицирани.
Со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ, Гаши е предложен за претседател на Собранието. Пратениците од Европскиот фронт ја напуштија собраниската сала.

ДУИ пратеници Фото:Слободен печат/Драган Митрески

Висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ брифира дека откако Гаши како претседател на Собранието ќе ја извести шефицата на државата дека е конституиран парламентот, претседателката меѓу 5 и 8 јуни ќе му го додели мандатот на Мицкоски за формирање влада и дека се очекува до 20 јуни Македонија да добие нова влада.

Според информациите по конститутивната седница на Собранието, а пред седницата за избор на Влада, владејачкото мнозинство ќе предложи пакет измени на законите за организација на Владата и за локална самоуправа. Законот за Влада ќе се менува за да може поделбата на ресорите да биде според реорганизацијата на министерствата што веќе ги најави Мицкоски, додека Законот за локална самоуправа ќе се менува за да нема предвремени локални избори ако градоначалници станат пратеници или министри. Ако мнозинството ги смени законите, за што е потребно двотретинско мнозинство, тогаш гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари од Алијанса за Албанците е извесно дека ќе биде новиот министер за здравство, градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ министер за одбрана, а градоначалникот на Сарај од ДУИ, Блерим Беџети, да биде пратеник. Во таков случај со трите општини и натаму ќе управуваат в.д. градоначалници од соодветните партии.

Христијан Мицкоски, Арбен Таравари

Напоредно со конституирањето на парламентот, привршуваат и преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски за новиот владин состав. Првиот и вториот владин ешалон меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се распределени, а привршуваат и разговорите со ЗНАМ за заменичките министерски места, како и поделбата на директорските функции.

Извори од преговарачките тимови брифираат дека „Вреди“ освен спикерското столче во Собранието, ги добива вицепремиерското и министерското место за животна средина со кое ќе раководи лидерот на Демократско движење, Изет Меџити. Со ресорот здравство најверојатно ќе управува Таравари, Бесар Дурмиши, претседавачот на тетовскиот Совет, ќе биде министер за економија и труд, Фатмир Лимани од Беса ќе раководи со Министерството за социјална политика, ексминистерот Адмирим Алити е во игра за евроинтеграции, а Бујаре Абази од Алијанса за ресорот за добро владеење.

Изет Меџити „Вреди“ Фото: ;Слободен печат“/ Драган Митрески

„Вреди“ добива и 7 заменик-министерски места, 5 државни секретари, како и директорски позиции за кои сè уште се преговара. Неофицијално, „Вреди“ ќе ги добие заменик-министерските места што ги имаше ДУИ во владата на Димитар Ковачевски.

Кај ВМРО-ДПМНЕ остануваат најтешките ресори и тоа МВР, Министерство за финансии, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, Министерство за надворешни работи, за земјоделство, за локална самоуправа, за одбрана, за енергетика, како и за политички систем. Според информации на „Слободен печат“, со ресорите политички систем и со земјоделие ќе раководат помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ и тоа од партиите на Србите и Социјалистичка партија.

ЗНАМ добива две министерски позиции, и тоа ресорот правда и едно без ресор. Ако пред формирањето на Владата се измени Законот за Влада, ЗНАМ ќе раководи со новото министерство за администрација.
Висок функционер од „Вреди“ брифира дека по изборот на Гаши за претседател на Собранието, генералниот секретар ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ, додека потпретседателите на Собранието ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Иако СДСМ и ДУИ имаат по 18 пратеници, предност за потпретседател на Собранието ќе имаат социјалдемократите бидејќи на изборите освоија повеќе гласови од Европскиот фронт. ВМРО-ДПМНЕ сè уште не пресекле дали Никола Мицевски ќе биде координатор на пратеничката група и во новиот парламентарен состав, додека координатор на коалицијата „Вреди“ ќе биде Халил Снопче.

Пред почетокот на конститутивната седница на Собранието, лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, одбија да кажат дали ќе го поддржат изборот на Гаши за собраниски спикер. Против избор на Албанец за претседател на Собранието е Левица предводена од Димитар Апасиев. Според Апасиев, со изборот Гаши се очекува косовизација на државата.

Димитар Апасиев Левица, Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

– На ВМРО-ДПМНЕ ќе им дадеме поддршка на невидено за проектите, само Албанец да не биде претседател на Собранието. Противуставно е да се претседава на друг јазик во Собранието, а тоа значи дека и натаму ќе се применува нелегалниот закон за двојазичност – рече Апасиев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, му возврати на Апасиев дека Левица се однесува како „група џанаци“.

– Треба ли да го коментираме Димитар Апасиев? Тој пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива – дали на Хургада или на некоја грчка плажа. Како што изјави еден од неговите поранешни сопартијци дека „тие биле една група на џанаци“, така ѝ продолжува да се однесува – изјави Мицкоски.

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, рече дека од овој парламентарен состав очекуваат многу и им посака среќа.

Максим Димитриевски/Фото: Слободен печат

– Како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме придонес во политичкото делување. Разговараме за имплементација на нашите програмски определби во идната власт – рече Димитриевски.

Изјава пред седницата даде и Ријад Шакири од „Вреди“, инаку син на Хисни Шакири, поранешен пратеник на ДУИ, кој во 2001 година го напушти Собранието и замина во УЧК. На прашањето дали очекува поддршка од ДУИ за изборот на Гаши за спикер, тој одговори дека очекува поддршка од ДУИ и од Европскиот фронт, бидејќи Алијанса за Албанците во минатиот собраниски состав гласала за Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието, бидејќи бил прв Албанец претседател на Собранието.
На лидерот на Беса, Билал Касами, вчера не му беше верифициран пратеничкиот мандат зашто тој еден ден претходно со допис го извести Собранието дека се откажува од мандатот и останува градоначалник.

 Левица: Гаши ќе биде полош спикер и од Џафери

На изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието вчера жестоко се спротивставија пратениците на Левица. Според нив, Гаши не ја почитува државната химна, неговиот избор ќе значи реализација на „косовска платформа“ со која Македонија ќе станела трета албанска држава. Левица ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за лажен патриотизам.

борислав крмов

Борислав Крмов од Левица рече дека Гаши во изминатите четири години не зел збор ниту еднаш, а само еднаш влегол во вербален дуел на некоја од комисиите во парламентот, како и дека Гаши ниту има искуство за таа позиција, ниту, пак, има зад себе пратеници за да ја заслужува, бидејќи во Собранието се избрани само двајца членови од неговата партија Алтернатива. Според Крмов, Гаши ќе биде полош како спикер на Собранието и од Талат Џафери, бидејќи не ни знае во што се впушта.

– Колку пратеници ви требаат ако 61 не ви се доволни за да ја земете најважната позиција во државата? – праша Крмов и дополни со уште едно прашање „како на ваков начин е исполнета волјата на македонскиот народ ако со ваква пратеничка моќ му ’слугуваат‘ на Вреди“.

Тој посочи е дека токму пратеник од партијата на Гаши ја пеел албанската химна во Собранието, тврдејќи дека со именувањето на Гаши за прв човек влегуваат во „бинационалност“ што го нема ни во Охридскиот договор, со порака дека Гаши за ова место не треба ни си-ви да даде, туку само да напише дека е Албанец.

На пратениците на Левица им реплицираа и од коалицијата „Вреди“ и од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, лажен е патриотизмот на Левица.

Мицкоски: Обраќањето на Левица е реално шоу

Мицкоски во своето прво обраќање како пратеник во Собранието, им се извини на граѓаните за дискусиите на пратениците од Левица. Обраќањето го оцени како реално шоу, со кое се обидуваат да ги девалвираат пратениците, но и граѓаните што на изборите масовно ја поддржале ВМРО-ДПМНЕ.

ads(1)

Христијан Мицевски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

– Јас само сакам да кажам неколку работи. Македонија ја очекуваат години на реформи, развој, владеење на правото и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Овие луѓе (Левица) имаа можност да застанат зад овие политики и за нив не гласаа само Македонци, туку од сите етнички заедници. Првпат таа шанса ја пропуштивте кога одбивте да се приклучите на македонското национално единство и вторпат кога не ја гласавте за претседател Гордана Сиљановска-Давкова – рече Мицкоски.

Ахмети првпат во опозициска клупа

Лидерот на ДУИ Али Ахмети првпат по 20 години откако е пратеник седна од левата страна на пленарната сала, односно на местата резервирани за опозицијата во Собранието.

Европскиот фронт предводен од ДУИ остана во опозиција иако освои нповеќе мандати од коалицијата „Вреди“, зашто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ преговорите за нова влада ги води со „Вреди“ и со ЗНАМ на Максим Димитриевски.

ДУИ предводена од Ахмети беше опозиција и во првата влада предводена од Никола Груевски од 2006 година, но тогаш во знак на револт пратениците не влегоа во Собранието, туку протестираа по крстосници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот