Фото: EPA-EFE/KYLE GRILLOT

Со стратешко планирање против шумските пожари и емисиите на јаглерод диоксид

Над 38 милиони денари изнесувала вкупната штета од опожарена шума во 73 пожари од јануари до јуни минатата година. Лани имало 170 шумски пожари, на 5.772.48 хектари опожарена површина, за што биле потрошени близу три милиони денари за гаснење, покажаа податоците на „Национални шуми“

Македонија добива зголемена поддршка во борбата против климатските промени и шумските пожари со новиот проект, кој го одобри Зелениот климатски фонд (ЗКФ), најголемиот глобален фонд посветен на справување со климатските промени. Проектот е од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка, а е наменет за поддршка на националните напори за декарбонизација преку зајакнување на институционалните капацитети за интегрирано управување со шумски пожари, како и преку унапредување на транспарентноста, достапноста и користењето на климатски информации, велат од ФАО за „Слободен печат“. Овие напори имаат за цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови од шумите, да ја зголемат нивната способност за апсорпција на јаглерод и да ја подобрат севкупната климатска отпорност на земјата. Ова е шести проект за подготвеност од ЗКФ во земјава и четврти што се спроведува во партнерство со Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).

– Македонскиот шумарски сектор, кој историски претставува главен апсорбер на стакленички гасови во земјата, станува сè поранлив на последиците од климатските промени. Сè почестите шумски пожари, порастот на температурите и промените во користењето на земјиштето, ја намалуваат способноста на секторот да апсорбира јаглерод. За да се спречи овој тренд, државата во рамки на засилените национално утврдени придонеси постави јасни цели за намалување на емисиите од шумарството до 2030 година преку подобрено управување со шумски пожари и масовно пошумување – соопштија од ФАО.

Според Даме Димитровски, Советник на премиерот за животна средина и клима, и примарно лице за контакт при Националниот назначен орган за ЗКФ, Владата е цврсто посветена на заштитата на македонските шуми како основа на одржливиот развој и климатската отпорност. Џереми Шликенрајдер, експерт за природни ресурси на ФАО и водечки технички службеник на проектот, истакна дека овој проект поставува цврста основа за идно зголемување на инвестициите во проекти со висок импакт, насочени кон поефикасен, поодржлив и климатски отпорен шумарски сектор.

– Стратешкото планирање дополнително ќе ги насочи напорите за спречување на шумски пожари и за мобилизирање ресурси и инвестиции за одржливи шуми отпорни на климатски промени – додаде тој.

За потсетување, над 38 милиони денари изнесувала вкупната штета од опожарена шума во 73 пожари од јануари до јуни лани. Лани имало 170 шумски пожари, на 5.772.48 хектари опожарена површина, за што биле потрошени близу три милиони денари за гаснење, покажаа податоците на „Национални шуми“. Овие штети се многу поголеми, ако се има предвид бесценетото значење што шумите воопшто го имаат во природата. Во 2022 година и минатата година имало вкупно 274 пожари. Кога станува збор за видот на шума опожарена во тие пожари, податоците покажуваат дека гореле листопадна, иглолисна и мешана шума. Во 2022 година најмногу пожари по хектари се случиле во Гевгелија, Охрид, Скопје и Кичево, а лани во подружниците Кочани, Штип, Гевгелија, Прилеп, Св. Николе, Крушево, Македонски Брод, Скопје и Гостивар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!