
Со солистички концерт на Кокан Димушевски во Битола почнува 19. „Локум фест“
Во познатото Пацио на НУ Завод и Музеј во Битола на 16 јули, во 20:30 часот, со солистички концерт на Кокан Димушевски, почнува 19-тото издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција 2025“.
Препорачано
Никола Кокан Димушевски (Скопје, 1958) е клавијатурист, аранжер, композитор и продуцент. Кариерата ја започнал како клавијатурист на групата „Леб и сол“, а има напишано над 200 аранжмани за различни автори и изведувачи во Македонија и во Европа.
Автор е на музика (околу 1.500 мин.) за голем број театарски претстави во Европа и во САД. Создавал музика (аудиодизајн) за повеќе радио и ТВ станици. Одржал над 1.000 концерти во целиот свет. Соработувал со „Јамаха“ и Радио Франс Интернационал. Издал дваесетина ЦД и ДВД-носачи. Дваесетина години бил музички продуцент во МРТ.
„Локум фест“ е единствен ваков фестивал во Македонија и на Балканот кој ги спојува традиционалната градска музика со фјужн и ворлд-музиката, и зад себе има преку 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена, што годинава е и слоган на фестивалот – „Наследството како сцена“.

Инспирацијата за „Локум фест“ доаѓа од живото културно наследство на некогашната конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната, сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура и др.
„Локум фест“ е фестивал кој повикува на средба, помеѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам како дел од локалната и национална туристичка понуда. „Локум фест“ е член на мрежите „Most music“, „Without borders“, EFFA и други регионални и европски фестивалски асоцијации.
За првпат, паралелно со Битола, „Локум фест“ се случува и во Скопје. Во соработка со „Паблик рум“ (Public room) на 18 јули таму ќе настапат грчката група „Reggetiko project“ и руската група „Ведан колод“, под мотото „Однадвор кон центарот“. Ова е редок пример на културна дисперзија од крајниот југозапад на државата кон центарот и ги најавува амбициите за следната година, кога ќе се одбележат 20 години „Локум фест“, а фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и во регионот.
Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори без наплата на средства и е проект од национално значење финансиран од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во склоп на „Бит фест 2025“ – известија од „Локум фест“.