
Со речиси исти услови се бара нов кандидат за судија во Стразбур
Новата Комисија за избор на кандидати за македонски судија во Стразбур, која се формираше откако тројцата кандидати што ги избра претходната Комисија не беа по мерка на владата, објави нов оглас со речиси исти услови што треба да ги исполнува идниот судија во Европскиот суд за човекови права.
Препорачано
И во новиот оглас се бара кандидат со македонско државјанство, со висок морален углед, да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност, минимум 12 годишно искуство во соодветната професија, да бидат помлади од 65 години, да имаат искуство во областа на човековите права, активно (ниво Ц) да го владеат едниот а пасивно (ниво А) другиот службен јазик на Совет на Европа (англиски и француски).
Единствено дополнително се бара кандидатите дополнително да достават меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик издаден од официјален европски тестатор (англиски или француски) минимум ниво Ц за јазикот кој активно го владеат и сертификат на ниво А за јазикот кој пасивно го владеат и потврда дека против кандидатот нема изречено правосилна пресуда, не се води кривична постапка и потврда дека со правосилна пресуда не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност.
За разлика од претходно, оние што имаат амбиција да бидат судии во Стразбур треба да ги достават документите во рок од 30 дена, а претходно, рокот беше 15 дена. Комисијата објави нов оглас без владата да објасни кои критериуми не ги исполниле тројцата кандидати за кои го поништи огласот, судијката Габриела Гајдова, поранешната обвинителка од Специјално јавно обвинителство Ленче Ристова и адвокатот Јордан Апостолски.
Предлог-листата што ја скрои претходната комисија, не беше по мерка на Владата, па формираше нова Комисија со нови членови. Новата комисија очекува да ги испочитува роковите и да избере кандидат. Но, она што не може да го предвиди ни самата Комисија е колку време ќе се чека мислењето од експертскиот панел на Советот на Европа, од каде прво ќе се бара мислење за кандидатите.
Откако претходниот состав на Комисијата намерно или ненамерно ја прекрши процедурата и предлог листата наместо до Советот на Европа ја испрати прво до Владата, каде што заглави и беше отфрлена, сега новата Комисија предлозите ќе ги прати прво до Советот пред да бидат доставени до Владата. Сепак пред Советот на Европа процедурата не е така едноставна и кратка. Листата прво ја гледа панел-експерти составен од поранешни судии на Европскиот суд за човекови права и судии на високи судови, значи од меѓународни судови.