Словенечкото издание на „Шестарот на времето“ / Поетско читање на Никола Маџиров во Птуј / колаж

Со поетски читања во Словенија беше претставено словенечкото издание на „Шестарот на времето“ на Никола Маџиров

Македонскиот поет Никола Маџиров беше почестен гостин на 29-тото издание на меѓународниот фестивал „Денови на поезијата и виното“, кој се одржа од 20-ти до 23-ти август во Птуј, Словенија.

По тој повод словенечката издавачка куќа „Белетрина“ објави поширок избор од поезијата на Никола Маџиров со наслов „Шестарот на времето“ („Šestilo časa“) во препев на словенечки јазик на Намита Субиото. Книгата содржи и неколку автопоетички есеи преземени од книгата „Дом во тишина“ во издание на „Арс Ламина“.

Никола Маџиров, заедно со втората почесна гостинка, поетесата и револуционерка Џоконда Бели (1948) од Никарагва, ги претставија своите книги на словенечки јазик во Друштвото на писатели на Словенија, а потоа учествуваа на читања и дискусии во Птуј.

Во описот на книгата на словенечки јазик стои: „Полскиот поет и есеист Адам Загajeвски за поезијата на македонскиот колега запиша дека се како експресионистички слики: исполнети со густи, енергични потези, тие како да изнедруваат од имагинацијата и да се враќаат назад кон неа во истиот миг, како ноќни животни уловени од светлината на автомобилските фарови… Во тие ненадејни блесоци можеби најјасно се исцртуваат поимите дом, граница, историја, време. Во мрежата на јазикот тој се обидува да ја улови убавината на мигот што исчезнува, возвишеноста на ситните нешта, моќта на обичноста.“

Последниот настап на Никола Маџиров со Џоконда Бели се одржа на 24 август како дискусија на тема „Мапирања на домот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот