
Со песокот од Пчиња се „исцрпува“ и животот во Горно Коњари
Да престане ископувањето песок од коритото на реката Пчиња и да им се одземе концесијата на фирмите концесионери, кои неодговорно и уништувачки го вршат ископувањето, бараат со петиции и со протести жителите на селото Горно Коњари, на 30 километри од Скопје, кои вчера ги посети екипа на „Слободен печат“.
Препорачано

Тие велат дека ископувањето кај нивното село е толку интензивно што веќе им се уништени околните ниви, нивните бунари се пресушени, а водата во нив заматена. Загрозено е и водоснабдувањето на селото, а со тоа и нивната примарна гранка производство на храна. Тие мора да ископуваат нови, подлабоки бунари, покрај постојните, зашто немилосрдното исцрпување на песокта, ги остава без вода. Дел од селаните морале да дупчат и по десет метри во длабочина за да „најдат“ нова вода.

Концесионери за ископување песок од овој дел на Пчиња се фирмите „Прогрес компани“ и „Еуропрогрес“, во сопственост на браќата Ќазим и Ријад Османовиќ, од селото Долно Коњари. На увид во селото и покрај реката Пчиња вчера беше екипа на Државниот инспекторат за заштита на животната средина, по налог на директорката Ана Петровска. Тие ги проверуваа документите на концесионерот и вршеа увид на ископите на песок.

Мештаните се револтирани што државата досега останала глува на многуте нивни апели, протести и петиции за кои собирале потписи од речиси сите жители на селото.

– Кога беа изборите, и Заев и сите други беа кај нас и Заев тогаш вети дека ќе стави катанец на врата на фирмата што ископува песок, ама ништо не се случи. За последниве две години само се прошири и се засили копањето и уништувањето. Целата река е изместена – раскажува Сенад од Горно Коњаре. Тој вели дека за прв пат некој македонски медиум се заинтересирал за нивниот проблем, иако барале помош од јавноста во повеќе наврати.